„Шарла“ ја заокружува годината со „Т​и​е ш​т​о останаа се п​о​е​т​и“

Независната издавачка куќа „Шарла (Sharla) на крајов од 2022 го објави компилациското парче „Тие што останаа се поети“. Ова е издание со разни македонски бендови и артисти што го дефинираат звукот и заложбите на овој лабел – свежа и храбра музика што создава свои стандарди во домашниот алтернативен музички свет.  

Музичкиот избор, фотографиите/дизајнот се на Давид Ангелевски, човекот зад кој се проекти како „Pikolomini“ и „Afionovi polinja“, човекот што ја менаџира „Шарла“, прави музичка подлога и за театар, а притоа долги години соединува артисти што ја претставуваат таа визија на лабелот. Притоа ги храни музичките истражувачи.

На компилацијата се наоѓаат теми од артисти и бендови како: Saso Mitrevski, Waltz in Wires, Vagina Corporation, Dimitra, Sweet Rapscallions, Afionovi polinja, Una и erstwhilesound. Овa се дел артисти што во себе во суштина го живеат и реобмислуваат рокенролот, музика со став, преку разни варијации и сензибилитети на современа класична музика, па се’ до амбиентални атмосферични и експериментални патувалки. Сите во функција на музиката како воздухот што недостасува, како последните поети во една луда и неправедна држава, што е тло за ретки билки.

Оттука, сите артисти се обединети, склопени во оваа годишна (аnnual) музичка идеја под капата на „Шарла“, која според приказите на Bendcamp во 2023 одбележува 10 години од првото EP „Deca vo dlaboko“ на „Pikolomini“, како што патем се викаше и една книга на Давид Ангелевски. Ова е вовед во своевиден децениски круг. Ништо не е случајно, барем за сите нас што сакаме да интерпретираме и сонуваме, повторно и повторно.

Компилацијата може да ја чуете и спуштите ОВДЕ.

***

„Каде и да одеше, светот му стануваше сѐ повеќе познат и поблизок до она дома. И покрај тоа, рече: тие што останаа се поети. Мора да се.
Сме. Нашите импровизирани погледи на свет, сета таа кротка анархичност, тоа е чиста поезија. Со неа гушнати се браниме од злото, дека војска немаме. Само митови. Туѓото срање не е и наше, ќе речеме. Ние знаеме за глад, студ и неправда. Илјада години. Калта е удобно топла и со вкус на непризнаена слава. Сиромаштијата е врвен чин на историска доследност. Дека сме поети. Илјада години. Под мостови единство. Во лудоста мнозинство. Улиците полни со дупки што водат до скршените срца на оние со преголеми очекувања. Затоа пишуваат, скришно. Понекогаш писменоста ни оди, напишавме доста книги со убави зборови, некои љубовни.
Сепак недоволно. Недоволно да се сакаме. Во волчја ноќ, секој секому волк, никој никому азно – активисти и циници, патриоти и предавници, мажи и жени современи, секој ден, целата дихотомија на омразата овде – и тоа е поезија. Мора да е. Мора.
Тие што останаа се поети. Сме. Ја разбираме празнината, иако срца кабасти ни се. Меланхолијата е наша одбрана. И брзина. Дека брзината не ја разбираме. Ќе помине и таа. Полека. Исто како вистината – obsolète comme de la merde. Кон арката на европските фантазии ќе тргнеме тогаш кога треба, полека и со песна. Ако треба. Иако веќе не сме сигурни во победи пред крајот на светот. А и ова апокалипсава стана ТВ сапуница. Се омалдуши, сирота. Како лик од македонски народни приказни кој не е принц. Да. Тоа сме ние. Малиот принц кој НЕ ја убива ламјата. Дека сме поети“

Крајниот текст е извадок од инфото за изданието на „Шарла“
Воведниот текст, освртот е на Бојан Шашевски