Шарена револуција: Обоени канцелариите на Државната изборна комисија

Балоните со боја денеска полетаа кон канцелариите во кои е сместена Државната изборна комисија, а во знак на револт против „Диктаторскиот изборен криминал“, како што стоеше на големото платно што денеска го носеа демонстрантите во Скопје.

„Шутка не ти бега Никола“, порачаа демонстрантите скандирајќи ја и познатата парола на протестите „Нема правда, нема мир“.

„Се прашуваме како од Пустец добија лични карти без да го регистрираат својот престој во Македонија. Колку се такви луѓе, имаме ли бројка? Над 120 000 гласачи, евидентирани гласачи, не беа предмет на проверка. ДИК утврди дека се сомнителни. Имаме ли време до петти јуни да провериме толку нерегуларни гласачи? Пораката е дека ние нема да дозволиме избори без исчистен список“, рече во своето обраќање пред насобраните граѓани една од активистките.

„Дојдете со нас“, ги повикаа луѓето од полицијата.

Демонстрантите и денеска се собраа пред просториите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје, за да маршираат кон Народната канцеларија на претседателот, Собранието кое го одминаа, за по булеварот Кирил и Методиј да стигнат до Државната изборна комисија, кај зградата на Нова Македонија.

Протестите почнаа на 12 април, кога претседателот Ѓорге Иванов поднесе општ акт за прекинување на сите кривични постапки против лица од власта и од опозицијата за, како што рече, зачувување на државните и националните интереси и ова го гледа како начин за излез од политичката криза. Ваквата одлука наиде на силен отпор кај граѓаните, партиите, дипломатите.

Со протестите се бара оставка на Иванов и повлекување на одлуката за аболиција, одложување на изборите од 5 јуни, формирање техничка влада за имплементација на реформите на Прибе, потврда на уставноста на СЈО.