Шанса за Центар: „Треска“ тресна на Уставен

Уставниот суд, без расправа и повикување експерти, ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на планот за Буњаковец, во кој спаѓа и просторот на „Треска“, реагираат од иницијативата Шанса за Центар.

За жал, велат тие, се потврдило правилото „Устав може да се смени, ама ДУП никако“.

„На здравје нека се во Буњаковец: Над 1 милион м2 бруто изградена површина за домување наместо 400.000 што ги дозволува ГУП-от. Над 60% изграденост за домување наместо 22% колку што дозволува ГУП-от. Над 33.000 жители наместо 12.500 колку што дозволува ГУП-от. Над 9.300 просечен број на семејства наместо 3.400 колку што дозволува ГУП-от“, реагираат од Шанса за Центар.

Исто така, посочуваат дека ова би донело и 0.36 м2 зеленило по жител или ич.

„(Понатаму), густина на изграденост со планираните висини со кои не се обезбедува минимален стандард за нормално хумано живеење или доволна аерација и минимални 2 часа осонченост. Уште подолги листи за чекање за запишување во градинка, училишта… На здравје нека се ‘наполитанките’“, се вели во реакцијата.

Шанса за Центар, која има тројца советници во Советот на Центар, уште на стартот од август информираа дека Уставниот суд оформи предмет по заедничка нивна иницијатива со адвокатката Сузана Јошевска, со која го оспоруваа ДУП-от за Буњаковец во кој спаѓа и подрачјето на „Треска“. Тогаш се надеваа на брзо и ефикасно постапување, бидејќи, како што рекоа, инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба.

Притоа, од иницијативата истакнаа дека за просторот  на поранешната фабрика „Треска“ се бореле граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, а додаваат дека политичка воља за промена имало до 2020 кога се прифати напуштање на решението од ДУП-от и се направи конкурс.

„Општинската власт под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите кои го изгубија своето значење, интегритет и кредибилитет може да му пресудат на последниот поголем простор, и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните“, рекоа од Шанса за Центар во август.