Шанса за Центар: Уставен суд отвори предмет за ДУП-от за Буњаковец

Од „Шанса за Центар“ информираат дека Уставниот суд оформил предмет по иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска и граѓанската иницијатива, со која се оспоруваат ДУП-от за Буњаковец во кој спаѓа и подрачјето на поранешната фабрика  „Треска“.

Оттаму велат дека се надеваат на брзо и ефикасно судско постапување,  имајќи предвид што и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба.

„Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на „наполитанките“ кај „Треска“. Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови кои се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар“, се вели во соопштението.

Притоа, од Иницијативата истакнуваат дека за просторот  на поранешната фабрика „Треска“ се бореле граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, а додаваат дека политичка воља за промена имало до 2020 кога се прифати напуштање на решението од ДУП-от и се направи конкурс.

„Општинската власт под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите кои го изгубија своето значење, интегритет и кредибилитет може да му пресудат на последниот поголем простор, и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните“, велат од „Шанса за Центар“.

Во соопштението од Уставниот суд се вели дека предметот е предаден на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка.

„Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница“, додаваат од судот.

Претходно, од „Шанса за Центар“ истакнаа дека ќе поднесат  иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на деталниот урбанистички план за Буњаковец во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“, со цел, како што велат, да го спречат неговото понатамошно спроведување што ќе нанесе штета на јавниот интерес.

Шанса за Центар: ДУП-от за Буњаковец пред Уставен суд