Шанса за Центар: Одиме кон „бетонизација“ наместо урбанизација на „Треска“

Градоначалникот Горан Герасимовски ги крши одлуките и прописите и работи спротивно на сопствените предизборни ветувања за Општина Центар, реагираа од Шанса за Центар на прес-конференција.

Иницијативата која има советници во Општина Центар, вели дека деновиве имало објава дека се издадени првите одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот „Треска“. Со тоа, посочуваат тие, се дооформуваат парцели што е чекор пред издавање на градежни дозволи.

„Потсетуваме дека 47% од целокупното земјиште на таа локација е државно. Тоа значи дека ќе се гради според незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година. Со тоа се распрсна уште едно предизборно ветување на СДСМ, кога при промената на власта во 2017 година со сите сили застанаа против тој незаконски план и ветија дека ќе се поништи“, посочија од Шанса за Центар.

Истовремено, потсетија на моменти од минатото, со цел, како што велат, за да покажат како политичката волја за промени се стопи пред интересите на поединците и инвеститорите.

„Прво. На 18.2.2020 година, Советот на општината донесе заклучок за урбанистичко решение по пат на објава на конкурс за локацијата на фабрика „Треска“, а според Законот за Локална Самоуправа и Законот за Урбанистичко планирање. (Одлука Бр. 08-1120/2 донесена на 7. вонредна седница од Совет на Општина Центар-Скопје, објавена во службен гласник 05/2020). Второ. На 25.5.2021 подготвен е стручен Елаборат за суспензија на преименувањето на тогашниот Детален урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец. Во него се наведени сите елементи за суспендирање на планот, од неусогласеност со параметри и нумерички податоци со план од повисок ранг (ДУП контрадикторен со ГУП), непочитување на подзаконска регулатива, или нарушување на јавниот интерес“, рекоа од Шанса за Центар.

Како трето, ја посочија предизборната програма од 2021 актуелниот градоначалник, кај што се вели: „Балансот, во деталните урбанистички планови е целосно нарушен, а јавниот интерес целосно се игнорира за сметка на приватните интереси на градежни фирми и поединци со влијание. Граѓаните немаат доверба во процедурите и Општината која во континуитет не го заштитува нивниот интерес, а граѓаните не можат да променат ништо. Ние целосно ќе ја смениме концепцијата на урбанистичко планирање и изградба“.

Според Шанса за Центар, градоначалникот Герасимовски пред изборите изјавил дека „Ќе го слушам гласот на граѓаните и никогаш нема да дозволам просторот да биде ‘наметната’ населба. Токму затоа и се планира по пат на јавен конкурс, за што е прифатена е иницијатива на група граѓани и архитекти за урбанистичко уредување… Јавниот конкурс завршува на први октомври и ве уверувам дека општината под мое раководство целосно ќе го почитува овој процес и отворено ќе го комуницира со јавноста во секој чекор“.

Сепак, тврдат тие, по само година и пол владеење, Горан Герасимовски е над прописите и законите и своеволно одлучува да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината – како што е вклопување на Конкурсот во ново урбанистичко решение за локалитетот на Треска.

„Ги игнорира, како да не постојат, докажаните и утврдени недоследности од планот наведени во Елаборатите за Суспензија, изготвени токму од стручна комисија за урбанизам од Општината која ја раководи. Ветувањата од предизборната програма, како да не ги дал или биле само за еднократна употреба додека се добие власта, а потоа како да не постоеле. Ќе остане запаметен и како човек кој го продаде државното земјиште во Треска кое можеше да се искористи за јавна намена – од детски градинки, игралишта и зеленило, до места за трафостаници и контејнери или друг јавен простор. Со овој чекор, трајно се запечатува можноста за поинакво решение на тој последен слободен простор во Центарот, кој да потсетиме, скоро 50% е на граѓаните“, потенцираа од Шанса за Центар.

Оттаму, го прашуваат зошто јавниот интерес целосно се игнорира за сметка на приватните интереси на градежни фирми и поединци со влијание? Исто така, јавно го прозваа да објасни, како што велат, што му дава сила да игнорира и не спроведува одлуки на Совет.

„Граѓанската иницијатива Шанса за Центар иако само со 3 советника останува одговорна кон граѓаните да ги потсети на напорите на политичкото раководство до 2021, како и целосното спротивното однесување на актуелното раководство на чело со ГГ. Одговорно се залагаме Општината да покаже капацитет за добро владеење во служба на граѓаните и јавниот интерес, да биде транспарентна и да покаже неселективност при примена на законите. Денес Општина Центар може да се пофали со одличен и очигледно скапо платен ПР, но со поразително и долготрајно лоши одлуки во однос на урбаниот развој и градењето. Шанса за Центар не е против урбанизација во кругот на фабриката Треска – напротив се залагаме тоа навистина да биде урбанизација, а не бетонизација. Бараме да се почитуваат сите стандарди за хумано живеење и интересите на инвеститорите да бидат во рамнотежа со интересите на луѓето што живеат во таа урбана заедница“, потенцираа од Шанса за Центар.