Шандор Чањи, унгарски актер: Или ќе го прифатиш ритамот на Америка, или ќе те нема во трката

Унгарската кинематографија полека го пробива својот пат кон поголемиот филмски пазар, најчесто претставена од младите таленти, смета еден од најпопулатните унгарски актери Шандор Чањи. Тој вели дека Унгарија полека се ориентира кон американскиот терк на работење на филм, всушност, како што тоа го прават многу европски земји.

Чањи беше гостин на филмскиот фестивал во Кинотека на Република Македонија , посветен на 60-годишнината од Унгарската револуција. Својата популарност во државата ја стекнал токму со филмот „Слобода, љубов“, кој се прикажуваше на фестивалот. Радио МОФ накратко разговараше со него по проекцијата и дискусијата:

На фестивалот сте како гостин и имавте прилика да разговарате со публиката за идејата на филмот и за тоа како е направен. Како дел од актерската група во него, што е она што би го нагласиле како уникатно во него?

Според мене, филмот зборува за себе, приказната и импресиите што би требало да ги доживеат гледачите го кажува самиот филм со многу интересен концепт. Настаните во 1956 година за време на револуцијата беа популарна и често дискутирана тема во Унгарија, а филмот всушност е реализиран со паралелни два настани во тој период.

Едниот е задушената револуција на Унгарците од страна на Русите, а паралелно се случува натпревар пред финалето на Олимписките игри во Сиднеј, каде ватерполо тимот ја победува Русија. Идејата го направи овој филм да биде толку успешен, затоа што сцените се менуваат наизменично – имате сцена во базенот, во текот на натпреварот, а потоа сцена од борбата во Будимпешта. Финалето е всушност Унгарците кои слават победа на Олимпијада и поразените револуционери, носители на отпорот против руската окупација.

Во последниве неколку години, унгарската кинематографија бележи напредок. Минатата година Унгарија го освои Оскарот за „Синот на Саул“. Според вас, на што се должи овој успех?

Интересна е ситуацијата која настана, всушност, според мене се појави квалитативна промена во пристапот на правење филмови во Унгарија. Претходно беше на дадено сценарио, се наоѓа буџет и се прави филм. Сега, сценаристот кога ќе состави предлог-сценарио, тој го дава на мислење и стручни лица укажуваат на тоа што треба да се измени, односно сценаристот добива уште една платена година за да го развие сценариото до ниво коешто би било полесно прифатливо од публиката. Со овој пристап, многу попрофесионално се прават филмовите. Од друга страна, се појави и една нова генерација на актери и режисери коишто веќе имаат американски пристап, прифаќајќи ја динамиката која ја наметнуваат американските филмови и веројатно тоа нуди една интересна перспектива на унгарскиот филм.

Колку филмовите кои се критика за општествените случувања во државата добиваат поддршка од филмскиот фонд и колку актерите и режисерите имаат слобода да се изразуваат?

Факт е дека културните настани, па така и филмот се државно поддржани. Пазарот е премногу тесен за да можат филмовите сами да се финансираат. Приходите од продажбата на картите се скромни во Унгарија, како и во останатиот дел од светот. Луѓето сè помалку одат во кино, а од друга страна, постои одредена поддршка од државата и не знам дали ќе ви значи, но буџетот е најчесто од милион до милион и триста илјади евра за филм.

Факт е дека полесно се финансирани филмови наменети за широка публика. Но, тоа не значи дека не се финансираат и уметничките филмови, некаде десет до петнаесет филмови годишно произведуваме, и се разбира дека не можат да бидат сите уметнички, мора да има и за пошироката публика. Филмот „Синот на Саул“ којшто беше дури и добитник на Оскар, не беше наменет за широката публика, туку за еден прилично тесен слој на публика, за кој беше прифатлив филмот.

Спомнавте дека сè повеќе младата генерација настапува и го менува текот на унгарската револуција. Колку тие добиваат поддршка во реализирање на своите проекти?

Не е лесно да се одговори на прашањето, можеме да зборуваме само за реализираните проекти. Тие што не се реализирание, не знаеме дали се успешни, или доволно интересни. Јас соработував со многу режисери на нивните први филмови и навистина, присутен е ентузијазам, посветеност и енергија. Но, мислам дека клучното прашање сега во филмската индустрија е успешно сценарио. Ако сценариотот е добро, тогаш се наоѓаат и спонзори. Режисерката на филмот што вечерва се прикажува, Лола Криста, има веќе четири играни филмови. Во неколку наврати кога зборував со неа, таа вели дека без разлика кој го нуди сценариото, ако е добро, тогаш тоа се користи за филм.

Како актер, кој прилично бил упорен во својата идеја да се реализира на филмското платно, што очекувате дека ќе се смени во иднина за унгарската кинематографија?

Според мене, Американците наметнаа еден таков ритам и професионализам во правењето на филмот што или го прифаќаш, или не. Унгарскиот филм го следи овој ритам , да работи на филмови кои се прифатливи за пошироката публика. Се разбира, постојат и филмови кои се независни, нискобуџетни, со не толку познати актери во главните улоги, но и тие имаат своја публика. Сепак, мејнстримот воглавно подразбира следење на американскиот ритам. Тие одат со „дампинг“ сцени во кината и во телевизијата, така што, или се обидуваш да се тркаш со нив, или ќе те нема.

Вие во каков филм преферирате да бидете дел, во високобуџетен и по американски терк, или пак нискобуџетен, но автентичен?

Мислам дека идеална комбинација е да се учествува и во независен филм и во високобуџетен наменет за секаква публика.