„Сешто, секаде, одеднаш“ триумфираше на Оскарите, Мишел Јео стана прва Азијка со награда за најдобра актерка

„Сешто, секаде, одеднаш“ доминираше на овогодишните награди Оскар освојувајќи награди во седум категории меѓу кои и онаа за најдобар филм.

Драмата за едно семејство со меѓусебни проблеми, која се одвива во фантастичен мултиверзум, исто така освои награда и за најдобра актерка, најдобар режисер, најдобри споредни актер и актерка, најдобра монтажа и најдобро оригинално сценарио на 95-тото издание на Оскар.

Мишел Јео стана првата Азијка која доби Оскар за најдобра женска улога и само втората жена која не е од белата раса со ова признание.

„За сите мали момчиња и девојчиња кои изгледаат како мене додека ме гледаат вечерва ова е светлина на надеж и можности“, рече Јео во својот говор.

Брендон Фрејзер, за неговата улога во филмот „Китот“, ја доби наградата за најдобра машка улога, а наградите за споредни улоги ги добија Џејми Ли Кертис и Кеј Ху Кван.

Наградата за најдобра режија им припадна на Даниел Кван и Даниел Шејнерт, додека германскиот „На Западот ништо ново“ освои четири награди – најдобар странски филм, најдобра кинематографија, најдобра продукција и најдобра музика.

„Навални“ победи во категоријата за најдобар документарец, а наградата ја прими семејството на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор. Тие ја прочитаа неговата порака во која тој ги потсетува луѓето „да не се плашат да се спротивстават на диктаторите и авторитарноста“.

„Мојот сопруг е во затвор поради бранење на демократијата. Алексеј, сонувам за денот кога ти и нашата држава ќе бидете слободни. Остани силен“, додека неговата сопруга Јулија Навална.

„Пинокио“ на Бенисио Дел Торо беше прогласен за најдобар анимиран филм, додека „Аватар: Патот на водата“ победи во категоријата за визуелни ефекти.

И покрај седумте номинации автобиографската драма „Фабелманови“ на Стивен Спилберг не успеа да победи во ниту една категорија. Без награди останаа и филмовите „Тар“ (шест номинации) и „Елвис“ (осум номинации).

Целосната листа на наградени на синоќешните Оскари може да ја погледнете на следниов ЛИНК.