„Номадленд“ и „Млада жена која ветува“ победници на БАФТА наградите

„Номадленд“, драмата за луѓето ни Америка кои живеат во домови на тркала, беше главниот победник на 74-тото доделување на наградите на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА), откако триумфираше во четири категории меѓу кои и во онаа за најдобар филм.

Филмот ја однесе наградата и за најдобра режија – Клои Жао, најдобра актерка – Френсис Мек Дорманд и за најдобра кинематографија.

Жао, која се вклучи преку видео врска, се заблагодари на заедницата на „номадите“ кои ја прифатиле неа и нејзиниот тим.

„Ви благодарам што ни покажавте дека стареењето е прекрасен дел од животот. Патување кое сите ние мора да го славиме и почитуваме. Нашиот однос кон постарите кажува многу за нашето општество и ние мора да даваме уште повеќе од себе“, рече Жао.

Покрај „Номадленд“ голем победник на овогодишната манифестација беше и филмот „Млада жена која ветува“ (Promising Young Woman), која ги освои наградите во категоријата за најдобар британски филм и за најдобро оригинално сценарио.

Актерот Ентони Хопкинс, кој има 83 години, стана најстариот победник во категоријата најдобар актер во историјата на БАФТА, за неговата улога во филмот „Таткото“ (The Father), кој исто така победи и во категоријата за најдобро адаптирано сценарио.

За најдобар странски филм беше прогласен данскиот „Уште една тура“ (Another Round). „Соул“ (Soul) победи во категоријата за најдобар анимиран филм, „Тенет“ (Tenet) победи во категоријата за најдобри специјални ефекти, додека во категоријата за најдобра монтажа и најдобар звук наградите ги освои „Звукот на метал“ (Sound of Metal).

Целосната листа на добитниците на БАФТА наградата, која вообичаено се смета како најдобар показател за тоа каде ќе завршат Оскарите, може да ја погледнете на следниов ЛИНК.