Сенди Паракилас: „Крадени“ се податоци и преку игри, Фејсбук е „стока која секојдневно се продава“

Фејсбук „крадел“ лични податоци на неговите корисници дури и преку игрите, тврди поранешниот менаџер на компанијата Сенди Паракилас, додавајќи дека профилите на социјалната мрежа претставуваат „стока која секојдневно се продава“.

Паракилас, кој во Фејсбук работел во 2011 и 2012 година како лице одговорно за почитување на правилата за заштита на податоците на корисниците, во изјава за „Вашингтон Пост“ вели дека во тоа време не бил премногу загрижен за заштитата на податоците, но дека аферата со „Кембриџ Аналитика“ го поттикнала да проговори за овој случај.

Според него, податоци за корисниците биле „крадени“ и преку големиот број популарни игри на Фејсбук, вклучувакјќи ги и „Кенди краш“ и „Фармвил“.

Паракилас вели дека секогаш кога еден корисник ќе прифати некоја апликација преку Фејсбук му се појавува „прозорец“ со кој се бара дозвола за пристап до неговите податоци. Станува збор за податоци кои се јавни на секој профил, како име и презиме, фотографии, лајкови и слично, но апликацијата добивала и пристап до информации кои корисникот ги чува како тајни.

„Во времето кога ‘Кембриџ Аналитика’ прибираше податоци за корисниците, Фејсбук им дозволи на програмерите пристап и до податоци на пријателите на корисниците, дури и ако тие не ја инсталирале апликацијата, ниту пак и дозволиле да ги користи нивните податоци. Тоа на програмерите им овозможи за кусо време да создадат огромни бази на податоци“, вели Паракилас, додавајќи дека објавувањето на аферата со „Кембриџ Амалитика“ потврдува дека таа практика продолжила и по неговото напуштање на Фејксбук.

Според него, постои и опција да се забрани можноста да има пристап до податоците на корисниците, но таа се наоѓа „задскриена“ во поставките на Фејсбук и ја нема на сите јазици, па затоа само мал број корисници знаат за неа.

„Она што е најлошо е тоа што еднаш тие податоци од серверот на Фејсбук ќе преминат кај програмерите, Фејсбук веќе нема контрола на нив, ниту знае за каква цел ќе бидат користени“, додава Паракилас, пренесува МИА.