Секоја втора личност во светот изгубила дел од приходите за време на пандемијата

Приходите на секоја втора личност во светот се намалија поради пандемијата со коронавирусот, а луѓето во посиромашните земји беа особено погодени од губење на работното место или скратување на работното време, покажа ново истражување.

Американската компанија за истражување на јавното мислење „Галуп“ која анкетираше 300.000 луѓе од 117 земји, откри дека половината од оние кои имаат работа заработиле помалку поради пандемијата со Ковид-19. Тоа значи дека од ова се погодени 1.6 милијарди возрасни лица ширум светот.

„Во светски рамки овие проценти се движеа од високи 76% во Тајланд до ниски десет проценти во Швајцарија“, се вели во објавата на „Галуп“

Во Боливија, Мјанмар, Кенија, Уганда, Индонезија, Хондурас и Еквадор повеќе од 70% од анкетираните рекле дека дома носат многу помалку отколку пред глобалната здравствена криза. Во САД таа бројка изнесува 34 отсто.

Кризата со Ковид-19 ги погоди работниците ширум светот, особено жените, кои се прекумерно застапени во слабо платените и несигурни сектори како што се малопродажбата, туризмот и индустријата за прехрамбени услуги.

Студијата на меѓународната добротворна организација „Оксфам“ во четвртокот покажа дека пандемијата ги чинеше жените ширум светот околу 800 милијарди долари изгубени приходи.

Анкетата на „Галуп“ покажа дека повеќе од половина од анкетираните рекле дека привремено престанале да работат на своите работни места или во сопствената компанија, што значи дека од ова се погодени околу 1.7 милијарди возрасни лица.