Нејасни насоки и слаба вклученост на наставниците и учениците – ковид мерките за образованието не стигнале секаде

Недобивање на ковид мерките до дел од училиштата, недоволно обуки, невклучување на граѓанските организации во процесот, недоволно јасни мерки, недоволна вклученост на учениците, но и партизацијата се дел од предизвиците со кои образовниот процес се соочил во пандемијата.

Ова го покажуваат наодите од новото истражување насловено „Влијанието на мерките на Владата на Република Северна Македонија за справување со КОВИД-10 врз секторот образование“. Истражувањето ги анализира сите документи што се изготвиле во форма на мерки за спречување на ширењето на пандемијата КОВИД-19 од 11 март, па сè до 1 декември 2020 година. Истражувањето е подготвено од Артан Лимани, за Фондација „Отворено општество Македонија“.

Истражувањето покажува дека БРО не направило анализа за потребите на училиштата во време на вонредни околности и учење од далечина, за директно да добие увид во нивните потреби, предности и слабости. Ниту направило проценка за влијанието на мерките врз образовниот систем, а не направило ни проценка за тоа дали мерките што ги донеле се релевантни за кризата и онлајн учењето.

Голем број мерки не ни стасале до самите училишта

Се укажало дека мерките биле пратени од надлежните институции преку е-пошта до градоначалниците, a за проследување на истите се користела Вибер-група.

„Сите мерки – во форма на упатства, правилници, планови, уредби и повици – кои се креирале на централно ниво, биле испратени преку е-пошта. Во една од општините се креираше впечаток дека за темата „мерки“ не е многу разговарано меѓу самите чинители на локално ниво. Од друга страна, луѓето со кои се разговараше на оваа тема во МОН и во БРО ги знаеја деталите за сите мерки“, се вели во истражувањето.

Какви мерки!? Каков документ!? Еве ја вибер-групата (покажувајќи го телефонот) и еве какви документи добивам јас во оваа група! Во оваа група е испратен само еден документ во pdf-формат и тој не е за образование. Ние немаме никаква асистенција и, следствено, многу мала комуникација со МОН. Можам да кажам – една големо нула! Толку сме консултирани и инволвирани. А можеме и сакаме да бидеме вклучени. Како градоначалници, ние сме во секојдневна комуникација со училиштата и одблиску знаеме што треба. Кај нас контекстот е специфичен. Сме имале само една средба со Министерката и тоа е тоа, ништо повеќе, вели градоначалник вклучен во истражувањето.

Во истражувањето се посочува дека мерките не биле добиени и од училиштата, односно од директорите. Наставниците не биле запознаени дека мерките постоеле, а речиси во секое училиште или општина имало по една или по две мерки коишто воопшто не биле добиени.

Една од урбаните општини која била дел од истражувањето, покажала недоволно цврста соработка меѓу градоначалникот и секторот за образование.

„Имено, видливо беше дека градоначалникот го прескокнува секторот за образование при општината и комуницира директно со директорката, а притоа се остава настрана еден човек којшто многу добро го познава образованието во општината. Како резултат на ваквата ситуација, се губи квалитетот на образованието, а притоа губитници се професорите и учениците“, се вели во истражувањето.

Професорка од самото училиште изјавила дека поради преголемото политичко влијание врз главните чинители во училиштето, угледот на професорот е сведен на нула.

Јас не припаѓам на ниту една политичка партија, па следствено на тоа, иако веќе неколку години работам во ова училиште, не можам да земам кредит за свои потреби и да продолжам самостојно со животот, затоа што една година ми даваат 10 наставни часа, друга година 14 наставни часа и сè така, секоја година. Не знам што да очекувам, вели професорката.

„Впечатокот што произлезе од сите средби укажуваше на тоа дека училиштата, освен употребата на ТЕАМС (која во последно време ја наведуваа како функционална, по фијаското со националниот портал), сите мерки кои беа предмет на дискусија за време на интервјуата не беа од интерес за нив, затоа што немаше што да се каже“, се вели во истражувањето.

Ниту еден од наставниците не ги препознал документите што ги добиле преку е-пошта како дополнителни документи.

„Какви се овие документи, не разбирам. За нас се наменети!? Па и да ги добивме, што би промениле истите како такви? Можеби би требало да се пратат, односно да дојдат оние кои ги напишале и да ни ги објаснат. Едниот документ има 49 страници! Зарем тие мислат дека ќе седнат да пишуваат документи и истите ќе ни ги испратат и ние преку ноќ ќе реализираме подобра онлајн настава. Ве молам, вели професорка вклучена во истражувањето.

Според истражувањето, мерките не стасале до училиштата токму поради фактот што многу чинители од образовниот сектор во различни региони не биле вклучени при нивното креирање.

„Ниту еден директор на училиште, раководител на сектор за образование, наставник, ученик од средно училиште, од трите региони кои беа дел од ова анализа, не кажа дека биле дел од некаква група за креирање мерки, протоколи, уредби или планови“, заклучува истражувањето.

Останало енигма зошто МОН и БРО не спровеле никакви последователни обуки со директорите и наставниците во училиштата.

Мерките донесени и креирани од МОН и од БРО не се релевантни за кризата

Оваа анализа покажува дека мерките немале позитивно влијание врз училиштата и врз образовниот процес, затоа што, генерално, општините и училиштата кои се дел од ова истражување, не ги добиле истите или добиле само мал дел од нив. Во прилог на ова е и истражувањето на УНИЦЕФ, кое наведува дека насоките кои ги добивале наставниците генерално биле недоволно јасни.

„Значителен дел од наставниците оценуваат дека воопшто не добиле насоки или пак дека не добиле доволно јасни насоки за организирање на наставата на далечина од страна на МОН, а особено од органите на МОН.“

Како што покажуваат квалитативните наоди на „Реактор“, наставниците сметаат дека во отсуство на конкретни насоки за организирање на наставата на далечина, биле препуштени да се снаоѓаат сами.

Оценка (0)

Треба да се засрамат општинските власти кои за повеќе од 15 години не успеаја да изградат убави и модерни училишта, со нормални услови за хигиена како во сите други нормални земји. Како мислат да воведат реформи без модерни училишта, кои воедно ги нема нигде, за нив само слушаме, вели ученичка вклучена во истражувањето.

Во рамки на истражувањето, учениците преку оценка од 1 до 10, требало да ја оценат работата на Министерството за образование и наука во менаџирањето со образовниот процес за време на пандемијата.

Од 9 ученици од три региони кои учествувале во фокус-групата, само еден ја оценил со 3, а сите други ја оцениле со нула.

Учениците од средните училишта, сметале дека можат да дадат свој придонес преку нивното ангажирање.

„Тие сметаат дека како последни корисници на системот за образование, би се ангажирале со сиот нивен потенцијал, со цел истиот да биде функционален, да се намали јазот и тие да ги постигнат своите идеали преку квалитетно образование“, се вели во истражувањето.

Како што наведуваат, тие нема да отстапат од барањето да се вложува во професионалниот развој на наставниот кадар, преку развој на модерни методи за предавање и за учење.

Имам една млада професорка која само што завршила факултет и можам да кажам дека начинот на кој таа се поврзува со нас, односно релацијата професор-ученик е на едно сосема поинакво ниво, споредено со тоа како постарите или политички поставените професори се поврзуваат со нас. Проблемот е во тоа што овие добрите професори не траат долго во нашите училишта, затоа што не се доволно ценети, вели ученичка.

Квалитетот на образованието, како клучен дел на целиот образовен процес, не е фокусна точка за време на пандемијата, сметаат учениците.

Според нив, се дало преголема важност на здравјето, кое е од големо значење, но за матурантите кои се дел од фокус-групата, изгубеното во овие месеци преку неквалитетно онлајн образование, ќе биде пресудно за нивниот можен неуспех да се запишат на универзитетите каде што планирале години наназад.

И наставниците процениле дека е  потребна итна инвестиција во дигитализацијата на училиштата и дека таа треба да се случи во најбрз можен рок. Дигитализацијата ја гледаат како неизбежна и таа, како таква, треба да стане дел од високообразовните институции кои обучуваат кадар за образовните институции.

Нам ни требаше секојдневна обука за време на летото, а не документи. Ни понудија кратка обука за да ја употребуваме платформата, која подоцна се покажа како нефункционална. За да имаме одржливи реформи, нам ни е потребна огромна инвестиција во насока на целосна дигитализација на училиштата и обука преку програми за размена. А за да дојде до целосни реформи во образованието, прво мора да се врати достоинството на професорската професија во општеството, вели професорка.

Наставниците и учениците имаат многу слични гледишта за тоа како треба да изгледа образовниот систем по пандемијата. Учениците гледаат на пандемијата како можност за промена на сегашниот застарен образовен систем, еднаш засекогаш.

Тие веруваат дека е време дигитализацијата да стане дел од образовниот систем и дека кога се ќе се врати во нормала, системите за управување со учењето преку интернет ќе останат составен дел училиштата.

По пандемијата, мора да се вложи многу во развојот на нови методи на предавање од страна на професорите, преку комбинирани пристапи. Во истата гимназија каде што учам јас учел и татко ми и таму нема никаква промена од тоа време, па сè досега. По пандемијата, мора многу да се вложи во модернизацијата на методиката на предавање и на целокупната педагогија. Понатаму не може вака, вели ученик.

Главна тема меѓу сите наставници/професори бил фактот дека не се инвестира во образованието, преку инвестирање во професионалната надградба на наставниците и директорите, и дека системот е стар, со речиси никакви суштински реформи, во кои клучни субјекти би биле самите наставници и професори.

Недоволна вклученост на образовните граѓански организации

Граѓанските организации не биле вклучени во креирањето на мерките. Истражувањето укажува дека граѓанските организации од секторот, кои  не се многубројни, изјавиле дека не биле дел од ниту една инклузивна работна група која работела на креирање на мерките.

Можеле барем да ни ги испратат и да нè замолат да помогнеме во училиштата. Ние работиме со основните училишта преку различни проекти и точно знаеме каде можеме да помогнеме. Ќе ги проучевме мерките и ќе организиравме обуки во училиштата во овој регион, за истите да бидат имплементирани. Ние ги познаваме сите директори на основните училишта, но – за жал – истите не се доволно стручни да асистираат од аспект на педагогијата или, генерално, од аспект на образованието, велат од невладина организација во истражувањето, велат од граѓанските организации.

Оттаму истакнуваат дека само без суети, со конструктивна критика и со вклученост на сите фактори, експерти, невладини организации, институции, би можело да се подобри образованието, дополнувајќи дека за да стигнат до училиштата, требало да поминат преку општините, односно преку градоначалниците или секторите за образование.

Според истражувањето, транспарентноста во целокупното работење на МОН и на БРО треба да се подигне на повисоко ниво, преку вклучување на клучните актери во креирањето на мерките и политиките.

Истовремено, меѓуинституционалната соработка мора да се унапреди на повисоко ниво, преку креирање планови за работа во кои, преку вертикална линија, би се инволвирале сите чинители во образовниот систем, а како најважни алки во системот треба да се сметаат професорите/наставниците, учениците и родителите.

„За функционална меѓуинституционална соработка е неопходно да се креира дигитален интранет систем, каде што сите релевантни институции ќе комуницираат едни со други, без надворешни влијанија. За крај, МОН треба да спроведе севкупно истражување за собирање податоци од самите училишта. Една ваква операција, која ќе собира специфични податоци (smalldata), ќе овозможи да се креираат поквалитетни политики“, заклучува истражувањето.

И.С.