Се бориме против климатски промени, а на земјоделските површини градиме згради

Климатските промени сè повеќе влијаат на квалитетот на храната што ја добиваме од земјоделските површини. Според експертите, голем проблем е немањето детални анализи кои ќе покажат каква е ситуацијата со температурните промени, годишните врнежи, загаденоста на почвата, како и појавата на мразот, кој последниве години е присутен многу порано. Државните агроеколошки мерки, пак, кои всушност треба да ги поттикнат земјоделците да применуваат одржливи земјоделски практики, споро се реализираат бидејќи бараат огромни ресурси.

„Цело време се зборува за загаден воздух, вода, а многу малку за загадени почви“, забележа проф. д-р Миле Маркоски од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Тој беше еден од говорниците на синоќешната дискусија на тема „Aгроекологијата и урбаното земјоделство наспроти климатските промени“, организирана од граѓанската организација „Зелената арка“.

Почвите важат за најголеми акумулатори на јагледорен диоксид. Токму затоа со примената на агроеколошки мерки, зелените површини  во градовите би овозможиле регулација на водениот циклус, ублажување на температурните осцилации, намалување на аерозагадувањето, како и зголемување на биодиверзитетот. Но, како што посочи професорот Маркоски, земјоделски површини има се помалку.

„Во 2009 година, државата има 4,2 милиони катастарски  парцели, сега има 5,2 милиони. Просечната големина на нашите земјоделски површини е 0.49 хектари. Земјоделски површини сега се градежно земјиште со згради“, истакна тој.

Информираше дека во тек е постапка за донесување на нов Закон за почви, кој не е поминат во Собрание. Според Маркоски, почвата има две мајки – едната е Министерството за животна средина, а другото Министерството за земјоделство.

Со закон, појасни тој, пренамена на земјоделско земјиште во градежно се врши само во одредени услови кои се во интерес на државата како градење аеродром, автопат или водена акумулација.

„… Но, пренамена на земјоделско земјиште во Лисиче кое е најплодно покрај Вардар, во градежна зона… нема што да зборувам повеќе“, прокоментира професорот за време на јавната дискусија.

Наспроти мислењето дека сме земјоделска држава, бројките го покажуваат спротивното, вели Маркоски. Ако вкупната површина изнесува 2 милиони и 517 илјади километри квадратни, од нив 650 000 хектари се земјоделско земјиште. Околу 300 000 се ливади и пасишта, а останатите се овоштарство, лозарство и полједелство.

Земјоделството не е атрактивно за младите

„Агроеколошките мерки како дел од стратегија се одамна почнати, но нивната примена е поспора бидејќи тие бараат многу ресурси. Колку ние сме спремни тие ресурси да ги овозможиме, како земја, е под знак прашање“, смета Славица Михајловска д-р по социолошки науки.

Таа во свое истражување од областа на земјоделството забележала дека поголемиот дел од земјоделците се пензионери, а младите не сакаат да се занимаваат со оваа стопанска гранка.

„Не сакаат да живеат во село, туку во град. Дури и да сакаат да живеат во село, не сакаат да се занимаваат со земјоделие. Тие викаат дека земјоделството не е исплатливо“, вели таа.

На ова се надоврза проф. д-р Благица Сековска по Рурална и зелена економија на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, која го истакна проблемот со централизацијата на државата во Скопје.

„Тие што сакаат професионално да се занимаваат со земјоделство се соочуват со недостиг на работна сила. Иако плаќат добро, не можат работници да најдат. Второ, нема соодветна инфраструктура. Постојат едно чудо села (400 се празни) кои изумираат. Има села од кои не можеш ни за два часа да дојдеш до најблискиот град, а камоли во Скопје“, посочи Сековска.

Според неа, целната група од којашто треба да започне едукацијата за важноста на животната средина е најмалата генерација –  децата од градинка.

„Планетата Земја постои 4,6 милијарди години. Ако овој век на планетата Земја го претвориме во еден животен век на човекот, тогаш планетата би била стара 46 години. Човештвото се појавило пред 400 000 години. Претворено во еден човечки век, тоа би било 4 часа. Индустриската револуција започна пред 200 години, или тоа би било 2 минути претворено во еден човечки век. Замислете, ние за две 2 минути успеавме да уништиме пола од планетата. Ги исековме половина од шумите и загадивме воздух, вода и почва. И упорно продолжуваме со такво неодговорно однесување.

Само едно суштество се однесува вака – тоа е вирусот. Тој ја запоседнува клетката, ги уништува ресурсите на клетката. Во моментот кога ги исцрпува ја убива, а со тоа умира и вирусот бидејќи не може да живее надвор од таа клетка. Таа клетка е нашата Земја, а ние сме вирусот кој немилосрдно нè уништува“, посочи професорката Сековска.

Е.П.