Сајмон Пери: Потребно е да се поддржуваат повеќе млади македонски филмски таленти

Британскиот продуцент Сајмон Пери e годинашен добитник на наградата „Голема Ѕвезда“ за исклучителен придонес за македонската кинематографија што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија.

Наградата, Пери ја доби за неговиот ангажман како главен продуцент на „Бритиш скрин“, еден од продуцентите на „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски.

По тој повод, фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола приреди средба на која Пери зборуваше за филмската продукција денес, неговата соработка со Манчевски и за иднината на британската филмска индустрија после „Брегзит“.

Според него, во 90-тите било инспирација да се вклучуваат што повеќе држави од Балканот во европската филмска индустрија.

„Малку е разочарувачки тоа што нема повеќе филмови од Македонија“, смета Пери.

Тој вели дека постојат млади режисери кои помогнале во создавање на идентитет на македонската кинематографија во Европа и светот, но посочи дека би било подобро ако ги има повеќе.

„Знам дека не е лесно, финансирањето не е едноставно, но се надевам дека се повеќе ќе се поддржуваат уникатни таленти“, рече тој, додавајќи дека она што го забележал кај Манчевски се токму уникатноста и оригиналната визија.

„Мислам дека ‘Пред дождот’ успеа да достигне голем успех поради огромната брзина со која беше направен. Единствениот услов за да работиме на филмот со Манчевски беше тој да го заврши многу брзо. Историјата се менуваше секојдневно во овој дел од светот што никој не знаеше што ќе се случи. Тој мислам дека го заврши филмот дури и пред да успее да го заврши сценариото совршено“, рече Пери.

Сепак, во однос на „Прашина“ Пери смета дека се случило токму спротивното, односно според него, овој филм ќе достигнел многу поголем успех доколку Манчевски не работел толку долго на него.

Во однос на прашањето како излегувањето на Велика Британија од Европската унија би влијаело врз британската индустрија, Пери подвлече:

„Јас мислам дека нема да има толкав ефект врз филмот, колку што ќе има врз младата популација“.

„Британските режисери ќе изгубат една работа којашто е важна, а тоа е дека британските филмови повеќе нема автоматски да бидат квалификувани како европски кога ќе се продаваат низ Европа. Ова ќе влијае на дистрибуцијата и ќе влијае на цените кои ќе ги бараат одредени британски филмови во Европа. Но, од друга страна, ако британските филмови се во копродукција со други европски држави, тие ќе се сметаат за европски. Ова е добра можност за британските режисери повторно да склучуваат копродукции, да се вклучат во европскиот филмски фонд Еуроимаж и да продолжат со тоа да бидат Европјани, после Брегзит, што е малку иронично“, додаде тој.

Пери од минатата година е директор на Интернационалната продукција за филм во западна Шведска, претседател е на Ателјеата за европски филм во чиј состав е Форумот за размена на најдобри европски пракси, односно Форум за лидери од агенциите за финансирање на филмови и за интервенирање на филмскиот пазар.

Е.П.