Американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека ќе се воведе задолжителна вакцинација против коронавирусот за 100 милиони работници во земјата, што претставува околу две третини од работоспособното население во САД.
Обраќајќи се до јавноста, откако граѓаните повторно се фрустрирани поради растот на нови случаи на Ковид-19, тој се осврна на десетиците милиони Американци кои и понатаму не се вакцинирани против вирусот.
„Можеме да го смениме правецот на Ковид-19. Ќе биде потребно многу напор и време. Многу од нас се фрустрирани со скоро 80 милиони граѓани кои сè уште не се вакцинирани, иако вакцините се безбедни, ефикасни и бесплатни“, рече Бајден, пренесува Гардијан.
Според новите мерки, сите компании кои имаат повеќе од 100 вработени ќе мора или да обезбедат вакцинација на работниците или да спроведуваат неделни тестирања на вирусот. Со ова ќе бидат опфатени 80 милиони работници во приватниот сектор, а компаниите кои нема да се придржуваат до мерките ќе добијат казни по 14.000 долари по прекршок.
Задолжителна вакцинација ќе има и за околу 17 милиони здравствени работници во институции кои соработуваат со федералните здравствени осигурителни полиси „Медикер“ и „Медикејд“, за вработените во поштата, како и за 300 илјади едукатори во федералната програма за поддршка на образованието. Бајден исто така потпишал указ за задолжителна вакцинација на сите вработени во федералната власт, како и за вработени во компаниите со кои тие соработуваат.
„Она што сакаме да го постигнеме е да ги заштитиме вакцинираните работници од нивните невакцинирани колеги. Ќе го намалиме ширењето на Ковид-19 преку зголемување на работната сила која е вакцинирана низ компаниите ширум Америка. Денеска, вкупно, во мојот план е предвидена задолжителна вакцина за околу 100 милиони Американци, две третини од сите вработени“, рече Бајден.
Овој чекор предизвика моментални критики од конзервативците кои се сомневаат во овластувањата која централната власт ги има да воведува вакви мерки. Според гувернерот на Оклахома, Кевин Стит, „Работата на владата не е да диктира што треба да прави приватниот бизнис“.
Повеќе од 208 милиони Американци имаат примено барем една доза од вакцините против Кови-19, а 177 милиони жители се целосно вакцинирани. Сепак, последниве недели има значителен пораст на новозаболените, со околу 140 илјади нови случаи и околу илјада починати лица од вирусот секојдневно.