С. Македонија повторно на дното на регионот според новиот Индекс за човеков развој

Северна Македонија се најде на 78-то место во светот од вкупно 191 светска држава според новиот Индекс за човеков развој 2021/2022 година, кој го објавува Програмата за развој на Обединетите Нации.

Во земјава очекуваниот животен век е 73,8 години, граѓаните се очекува да поминат 13,6 години во школување, додека бруто-националниот приход на секој жител изнесува 15,918 долари годишно.

Ова ја става С. Македонија на дното во регионот според Индексот за човеков развој. Пред земјава се наоѓаат Словенија (23 место во светот), Грција (33) Хрватска (40), Црна Гора (49), Србија (63), Албанија (67), Бугарија (68) и Босна и Херцеговина (74 место).

Во споредба со претходниот Индекс, иако севкупното рангирање С. Македонија бележи напредок од една позиција, сепак Индексот е опаднат од 0,774 на 0,770. Падот најмногу се должи на намалениот животен век, од 75,2 години во 2020 година на 73,8 години во Индексот за 2021/2022 година.

Глобално Индексот оваа година покажува дека деценискиот прогрес во животниот век, образованието и економскиот просперитет забележува назадување по почетокот на пандемијата. Претходниве две години девет од секои десет држави имаат назадување според Индексот на човеков развој. Како главни виновници кои го вратиле наназад глобалниот развој се издвојуваат Ковид-19, војната во Украина и влијанието на климатските промени.

Оваа година Швајцарија го предводи Индексот со очекуван животен век од 84 години, просечни 16,5 години поминати во образование и бруто-национален приход по глава на жител од 66.000 долари годишно. На првите пет позиции во светот се наоѓаат уште и Норвешка, Исланд, Хонг Конг и Австралија.

На спротивната страна од Индексот, како последен во светот се наоѓа Јужен Судан. Таму очекуваниот животен век е само 55 години, луѓето поминуваат 5,5 години во школување и БНП од 768 долари по глава на жител годишно.

Назадувањето се забележува во мнозинството од државите кои се вклучени во Индексот, особено во очекуваниот животен век, со што нивото на глобален развој е вратен на нивото од 2016 година, со што е прекинат 30-годишниот тренд на подобрување.

Индексот на човеков развој започна да се објавува во 1990 година, со цел да се добие подобар показател за благосостојбата на земјите покрај гледање само во нивниот бруто-домашен производ.

Даниел Евросимоски