Премиерот Ковачевски на Самитот за трансформација на образованието на ОН: Инвестираме во квалитетно и достапно образование за секое дете

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во својот говор на Самитот за трансформација на образованието во рамки на 77-то Генерално Собрание на Обединетите Нации (ОН) зборуваше за националните цели за унапредување на образованието.

Премиерот потенцираше дека пред Северна Македонија има долг пат до задоволително ниво на квалитетот на образованието, додавајќи дека како Влада се посветени на создавање услови и средина што ќе им овозможи на македонските ученици и студенти да напредуваат и да го остварат својот потенцијал.

„Учењето за да се научи всушност значи стекнување писменост, но и развивање критичко размислување и вештини за анализа, истражување, носење одлуки, а со тоа и развивање на потенцијалите на нашите идни лекари, научници, градители, идни лидери, на кои ќе се потпира нашиот свет. Само луѓето кои имаат способност и капацитет да размислуваат критички, можат да бидат доволно храбри да ги одбранат правото и правдата и да ги добијат своите битки користејќи аргументи, а не насилство“, рече Ковачевски.

Фото: Влада.мк

Премиерот посочи повеќе реформи кои ги направиле со фокус на образованието. Од воведување целосно нова наставна програма за прво и четврто одделение, со која се менува пристапот на предавања, преку унапредување на инклузивноста, до обезбедување на неопходните ИТ уреди во време на пандемија. Ковачевски го нагласи и воведувањето на субвенционирани оброци за учениците, со цел надминување на разликите кои потекнуваат од разликите во приходите, унапредување на средното стручно образование и научните иновации.

„Политиките кои ги спроведуваме се усогласени со глобалните заложби за развивање на образовен систем што помага да се изгради општество што ќе може ефективно да се справи со новите предизвици. Последиците од пандемијата и војната во Украина ни докажаа дека тоа ни е неопходно на сите. Уверен сум дека науката и иновациите водат до одржливи промени што ќе ги подобрат животите на сите наши граѓани. Би сакал да ве уверам дека Република Северна Македонија се солидаризира со демократскиот свет и ги поддржува и се приклучува кон заложбите за градење одржлив образовен систем заснован на стандарди за висок квалитет и достапен за сите“, рече Ковачевски.

На Самитот, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш истакна дека образованието низ светот се наоѓа во голема криза и дека владите треба да издвојат повеќе средства во оваа област.

Тој посочи дека пандемијата на коронавирусот има катастрофални последици врз образованието, каде што сиромашните ученици без технолошка поддршка се најдоа во особено неповолна положба.