Гутереш: Светот е еден погрешен чекор од нуклеарно уништување

Шефот на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, предупреди дека светот се наоѓа само еден погрешен чекор од „нуклеарно уништување“ и се соочува со опасности кои не се видени уште од Ладната војна.

„Човештвото е само едно недоразбирање, еден погрешен чекор од нуклеарно уништување“, истакна вчера Гутереш зборувајќи за војната во Украина помеѓу другите нуклеарни закани низ светот на конференцијата посветена на Договорот против нуклеарно вооружување.

Во неговиот говор тој посочи дека конференцијата за овој историски Договор, одложена поради пандемијата, се случува во моменти кога „нуклеарната опасност е најголема од крајот на Ладната војна“.

„Конференцијата е можност да се постигнат мерки кои ќе помогнат во избегнување на такви катастрофи и да се постави човештвото на нов пат кон свет слободен од нуклеарните оружја“, рече Гутереш.

Тој додаде дека ризиците од ширење на нуклеарното вооружување растат, а механизмите кои штитат од ескалација слабеат и потенцираше за кризите со нуклеарен потенцијал кои се движат од Блискиот Исток до Корејскиот Полуостров.

Заканата од нуклеарна катастрофа беше потенцирана и од говорниците од САД, Германија, Јапонија, како и од директорот на Агенцијата за атомска енергија на ОН.

Гутереш повика од учесниците на конференцијата да преземат акција за спречување на нуклеарната закана. Еден од предлозите кои ги упати е засилување на Договор против нуклеарно вооружување и дополнително намалување на бројот на нуклеарни боеви глави.

Тој исто така ги повика и светските лидери да го насочат своето внимание и на тензиите на Блискиот Исток и Азија и да промовираат користење на нуклеарната технологија во мирнодопски цели.

„Идните генерации сметаат на вашите постапки да излезете од бездната. Ова е нашиот момент да го положиме овој тест и да го растераме облакот на нуклеарното уништување еднаш засекогаш“, додаде Гутереш.

Договорот за нуклеарно разоружување е на сила од 1970 година и има 191 потписник, што го прави еден од најшироко прифатените договори за контрола на оружјето во историјата.

Според одредбите од овој Договор, првичните пет нуклеарни сили – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција се согласија да преговараат кон елиминирање на нивниот нуклеарен арсенал во иднина, додека државите без нуклеарно оружје се обврзаа дека нема нуклеарно да се вооружуваат, под гаранција дека ќе можат да развиваат нуклеарна енергија за мирнодопски цели.