РСЕ: Само кај нас на студентите секогаш им е таман

Студентски протести во Белград, претходно во Загреб, во Сараево. Барањата некогаш образовни, некогаш социјални, некогаш политички, но студентите на Балканот покажуваат дека имаат став за важните прашања во општеството. Само во Скопје на студентите секогаш им е потаман, анализира Радио Слободна Европа.

Стипендии за редовни студенти на јавните и приватните универзитети

Неколкуте протести или обиди за протести не добиваат на масовност без разлика на барањата.Единствените масовни студентски протести се одржаа во 1997 година на националистичка основа, односно против воведувањето албански јазик на Педагошката академија во Скопје.

Студентите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј што ги анкетиравме се скептични дека во Скопје може да се организираат студентски протести за што било.

„Бидејќи ми се чини дека овие студентски движења коишто во последно време се појавуваат се баш партиски инструменти дали на едните или на другите, изгледа ние немаме потреба за други.“

„Се бунат за сè и сешто и кога ќе дојде време да се протестира никогаш не излегуваат, ќе се направи протест ама со пет луѓе, очекуваат некој друг да им го реши проблемот“, вели студентите.

Поранешниот претседател на СПУКМ, Самоил Малчески вели дека е потребна темелна промена на образовниот систем и закон за студентско организирање кој ќе пропише минимум критериуми кој сè ќе може да биде и да раководи со студентските организации.

„Постојат два клучни проблеми. Првиот проблем е лошиот образовен систем којшто место да гради индивидуи, за жал гради горди послушници. Вториот проблем е пасивноста на студентските организации, наместо да застанат и да ги застапуваат интересите на студентите, за жал тераат лични интереси“, вели Малчевски.

Стефан Алексиќ од МОФ вели дека причината за студентската, но и не само студентска, пасивност во Македонија треба да се бара во огромната доверба во институциите што ја имаат граѓаните на Македонија.

„Сите наши акции потекнуваа и одат преку институциите, дури нашата независност ако видите ја имаме добиено на институционален начин, додека за разлика од другите држави од поранешна Југославија, ја имаат добиено на друг начин, така да јас верувам дека ние имаме огромна доверба во системот и секогаш очекуваме системот да ни даде нешто, да ни го даде тоа што на нас ни припаѓа, без разлика дали знаеме да си побараме што нас ни припаѓа и да си го земеме назад.“

Кога пред три и пол години, универзитетските професори излегоа на протест за одбрана на автономијата на Универзитетот, студентите, организирани од Студентскиот парламент на универзитетот Св. Кирил и Методиј излегоа на контрапротести за поддршка на владиниот предлог за измени на Законот за високо образование, иако некои од нив не знаеја за какви промени станува збор.

Извор: Радио Слободна Европа