Една година #НизТвојотОбјектив

Нашата фото-рубрика #НизТвојотОбјектив денес полни една година. Во роденденско расположение, на прославата овој четврток наместо да поканиме еден фотограф, одлучивме да се дружиме со дел од фотографиите кои ја одбележаа првата година од создавањето на рубриката.

Но, пред тоа, во роденденската честитка пишуваме збор-два за потребата од едно вакво катче во дигиталниот простор. Идејата за #НизТвојотОбјектив е инспирирана од секојдневната практика на младите (и возрасните) кои неретко водат фото-дневник или споделуваат фотографии во циклус кои се естетски подредени или пак сосема рандом на социјалните мрежи. Овие објави потоа се шират по фидовите на различни корисници.

Од друга страна, на паноата на Пинтрест или Тамблр со години наназад луѓе се поврзуваат преку споделување фотографии, додека централно место на популарност зазема Инстаграм, па оттаму и одлуката објавите во #НизТвојотОбјектив редовно да се споделуваат на инстаграмот на Радио МОФ. Креирањето фото-рубрика во медиумски простор, односно во медиум кој е посветен, а веруваме и препознаен кај младите, отвора можност ваквите поединци да се соберат на едно место каде покрај фотографии може да споделат и искуство или став за фотографирањето како хоби или професија.

Така, во текот на оваа година имавме бројни дилеми за тоа дали треба да поставиме граници во кои треба да се движи објективот на оние кои ни ги праќаа своите дела, а неретко се наоѓавме и во ситуација дали да објавиме нешто и зошто одредена фотографија „заслужува“ да се објави пред некоја друга. Од таа гледна точка се надеваме дека се задржавме до нашите првично поставени критериуми; да охрабруваме фотографиите да бидат критички, поетични, да „боцкаат“ и разгоруваат разговор за случувањата околу нас. И да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.

Во изминатите дванаесет месеци во рубриката ни гостуваа 46 фотографи, а објавивме 361 фотографија. Во текот на следната очекуваме да објавиме уште толку, а очекуваме и уште ентузијасти, инстаграмџии и љубители на фотографијата да ни се придружат во кругот, со цел рубриката да го задржи местото како простор за изразување и промоција, како и поврзување на фотографи.

Ви благодариме за искрената поддршка на рубриката од самиот почеток, и ве охрабруваме ваши дела да ни испратите уште веднаш, бидејќи од следната недела се враќаме со редовни објави.

Автор и уредник на рубриката: Ангела Бошкоска 

Фото: Елена Василевска / објавена на 09.02.2023

Фото: Дафина Веселиноска / објавена на 29.12.2022

Фото: Томислав Георгиев / објавена на 03.02.2023

Фото: Кристина (Тина) Филипоска / објавена на 11.05.2023

Фото: Евангелија Иваноска / објавена на 25.05.2023

Фото: Леон Шумански роуз / објавена на 19.01.2023

Фото: Ива Дамјановски / објавена на 02.03.2023

Фото: Наташа Величковска / објавена на 03.08.2023

Фото: Александар Василевски / објавена на 13.07.2023

Фото: Михаил Гаџовски / објавена на 20.07.2023

Фото: Гаја Смилевска / објавена на 04.05.2023

Фото: Лука Крстиќ / објавена на 29.06.2023

Фото: Доан Акити / објавена на 08.12.2022

Фото: Елена Димчевска / објавена на 22.12.2022