Републиканци од шест држави побрзаа да го ископираат законот против абортус во Тексас

Северна Дакота, Јужна Дакота, Мисисипи, Индијана, Арканзас и Флорида разгледуваат слични мерки како тексашкиот закон против абортус, пренесува „Гардијан“.

Републиканските лидери во шест американски држави побрзаа да го ископираат примерот на Тексас со присвојување на екстремни мерки против абортус. Критичарите на остриот закон во Тексас, меѓу кои и американскиот претседател Бајден, сметаат дека законот е противуставен и поттикнува непријателство во јавноста.

Активистите за право на абортус се обидуваат да се спротистават на бројни иницијативи од Флорида до Северна Дакота, кои се појавуваат како поддржувачи на новиот закон во Тексас, што се смета за еден од најекстремните во САД. Конзервативните членови во американскиот Врховен суд не го блокираа правниот процес, па законот и официјално беше усвоен.

Во средата, законот официјално беше усвоен во Тексас, со што сега е забранет абортусот по шестата недела во бременоста, дури и во случаи на инцест и силување, а на граѓаните им се дава и можноста да ги пријават своите сограѓани кои извршиле, практикуваат, или помогнале при абортус.

Само неколку дена по усвојувањето на законот, шест други држави – Северна Дакота, Мисисипи, Индијана, Флорида, Јужна Дакота и Арканзас, соопштија дека бараат начини за усвојување на слична забрана.

Про-избор активистка од Арканзас за „Гардијан“ изјавила дека е подготвена да се спротивстави на најавените законски промени во државата.

„Законот кој би го копирал тексашкиот закон против абортус ќе им наштети на бремените жени во Арканзас кои сакаат да абортираат“, изјавила Али Тејлор, претседателката на Мрежата за поддршка при абортус во Арканзас.

Таа додава дека доколку законот биде усвоен, нејзината организација ќе продолжи со практикување за абортус.

„Ова значи дека ќе продолжиме со извршување на процедурите пред шестата недела од бременоста и ќе им помагаме на жените да излезат од државата доколку тие го надминуваат законскиот рок“, изјавила Тејлор.

Кристин Форд, активната заменик-претседателка во „Нарал Про- избор Америка“ ги осуди постапките на шесте држави кои итно побараа промени во законот, по усвојувањето на законот за спречување на абортус.

„Ова е најитна закана за легалниот абортус откако беше донесена одлуката Ро, пред половина век“, изјавила таа за „Гардијан“, мислејќи на исклучително важниот случај Ро против Вејд, со која американскиот Уставен суд во 1973 година го прогласи абортусот за легален на територијата на САД, а временската рамка за абортус беше одредена до 24 недели.

Форд вели дека примерот на Тексас е производ од радикализирана десна реторика која е се’ поприсутна.

„Радикалната десница со децении работи на намалување на репродуктивната слобода и на успорување на социјалниот прогрес. Но, таа не ги претставува вредностите на Американците, бидејќи 8 од 10 Американци поддржуваат безбеден и легален абортус“, додава таа.