Регулатор на ЕУ бара да се забрани енергетско-интензивното ископување биткоини

Европската Унија треба да ја забрани формата на ископување биткоини што троши прекумерна количина на електрична енергија бидејќи претставува закана за климатските цели на континентот, според еден од водечките финансиски регулатори во унијата, јавува „Њујорк пост“.

Заменик претседателот на Европската управа за хартии од вредност и пазари Ерик Теден, рече дека главната форма на ископување биткоини ѝ нанесува штета на животната средина и ги уназадува напорите за борба против климатските промени.

За „Фајненшнл тајмс“ тој изјави дека ЕУ треба да ја разгледа забраната за моделот на таканареченото копање „доказ за работа“ во корист на енергетски поефикасниот „доказ за удел“. Процесот на копање познат како „доказ за работа“ е повеќе енергетски-интензивен од неговата алтернатива – „доказ за удел“.

Според него решението е да се забрани „доказот за работа“.

„Треба да зборуваме за пренасочување на индустријата кон поефикасна технологија“, додаде тој.

Количината на електрична енергија која се користи за ископување нови валути е на највисоко ниво на сите времиња, наведуваат медиумите.

Некои влади се спротиставија на копањето нови валути откако нивните енергетски мрежи не беа во можност да го издржат притисокот предизвикан од процесот на копање.