Разрешена в.д. директорката на Театар Комедија, Магдалена Ризова Черних

Министерката за култура Ирена Стефоска донесе решение за престанок на должноста на Магдалена Ризова Черних како в.д. директор на Национална установа Театар Комедија, соопштија денес од Министерството за култура.

Според надлежната институција, разрешувањето се должи на „работа која не е во согласност со закон и статут и во други случаи предвидени со Закон“.

„Од страна на раководното лице Магдалена Ризова Черних, вршител на должноста директор на Националната установа „Театар Комедија“ – Скопје, и покрај доставеното укажување од Министерството за култура за потреба од измени на подзаконскиот акт на Националната установа, до денот на донесување на решението за престанок на мандат, од страна на раководното лице и покрај надлежноста истото да се заврши во законски определен рок, не е направено усогласување на Статутот на Националната установа Театар Комедија – Скопје, согласно Меѓународната фраскатиева класификација“, велат од Министерството.

Ризова Черних во свое обраќање на социјалните мрежи напиша дека причината за нејзиното разрешување не е позната, бидејќи од вчера е на боледување поради влошена здравствена состојба.

„Ги исполнив барањата да уметнички раководител биде Дарко Спасов,за кој уредно издадов задолжение за да ја извршува должноста и испратив барање до министерството за одобрување на финасиски средства за тоа работно место. Одговор на барањето се уште нема, а истиот се повлече од должноста на крај од годината. На средбата со министерката бев изложена на притисок да решам проблем кој така лесно не се решава. За да работиш месец дена и да решиш проблем кој е од човекова природа не е лесно. Рокови три, четири дена… Не дозволи да си го реализирам мојот план за работа и начин“, вели меѓудругото таа во своето сооштение.

Магдалена Ризова Черних на функцијата в.д. директорка се задржа нецели два месеци, откако беше поставена како замена за претходната директорка Нора Шакири-Марковиќ која пак, беше разрешена на 24 ноември 2021, исто така по решение донесено од Министерството за култура.

„Во Извештајот е констатирано дека раководното лице презело активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алинеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место. Со тоа се потврдува дека раководното лице водело и ја завршило дисциплинската постапка врз вработени во време на изборен процес“, образложија тогаш од Министерството за Шакири-Марковиќ.

Шаќири-Марковиќ тогаш се обрати преку социјалните мрежи, велејќи дека  разрешувањето е неосновано. Со разрешувањето на тогапната в.д. директорка не се согласија вработените од Театар Комедија, кои се обратија во видео порака за да го искажат својот револт.

Сменета директорката Нора Шаќири од Театар Комедија, таа вели дека разрешувањето е неосновано