Претставници од „Аудиција сега“ добија одговор на дел од барањата од Министерството за култура

Претставници и театарски работници од иницијативата „Аудиција сега“ денеска остварија средба со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Иницијативата ја сочинуваат над 100 дипломирани театарџии, кои преку јавен повик се собраа и меѓудругото побараа формирање на работна група за разработка на веќе постоечките, но и креирање нови културни политики, отворање нови работни места, како и  воведување нови критериуми за оценување на проектите за независната сцена.

Од иницијативата „Аудиција сега“ известуваат дека на средбата биле договорено министерството да формира работна група со „Аудиција СЕГА“, како и со претставници од држaвните/приватните академии, министерството и националните установи, која ќе работи на стратегија за отворање нови работни места, поголема транспарентност и креирање електронска база на дипломирани театарски работници.

„Договорено беше и министерството да отпочне подготовка на документи за националните установи со кои ќе се овозможи ангажирање на минимум еден невработен актер, по пат на отворени кастинзи во секоја претстава (во зависност од обемот на претставата и повеќе), како и минимум по еден невработен режисер во годишните програми на институциите“, велат оттаму.

Од „Аудиција сега“ додаваат и дека уште еден од договорените чекори е иницијативата да се вклучи во процесот на изготвување на следниот Годишен конкурс во делот на ревидирање на критериумите и приоритетите за бодување и оценување на проектите, како и да стане дел од работните групи што ќе работат на претстојната 4-годишна Стратегија за култура, како и на Законот за јавен интерес во културата.

„Аудиција сега“ – Иницијатива на театарските работници бара средба со министерката за култура