Разрешен директорот на струшката болница по случајот со родилката која остана без три органи

По случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар која при породување остана без матка, бубрег и јајник, директорот на струшка болница Мухамед Асани е разрешен, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Филипче посочи дека вчера донел одлука и за формирање на нова комисија, додавајќи дека тоа е законска можност која ја има Министерството за здравство (МЗ).

„Првата комисија беше формирана исто така на барање на МЗ, но тој пат преку лекарската комора. Но, со оглед на неколку интервенции и барања кои што ги имаше, прво од семејството на родилката, понатаму од неколку институции, како на пример Хелсиншкиот комитет за човекови права, донесов одлука да се формира уште една комисија, која што ќе ја водат директорите на институциите, на клиниките за урологија, карил, гинекологија, директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и кои што ќе треба да направат анализа на случајот“, додаде Филипче.

Тој најави дека денеска или утре ќе биде назначен друг директор на болницата и истакна дека во тек се сите други постапки, односно активности на другите институции кои се вклучени во овој случај.

Вчера реагираа и од Платформата за родова еднаквост на прес-конференцијата на Лекарската комора, од каде утврдија дека стручниот надзор на Комората не утврдил никаква лекарска грешка во случајот со родилката од Дебар.

„Во исказите на родилката и документацијата која ја обелодени пред јавноста, постојат индикации за отсуство на здравствена заштита на бремена жена, односно антенатална и пренатална заштита, но и за сторено тешко кривично дело против здравјето на луѓето. Родилката за време на целата своја бременост, но и непосредно пред породувањето била изложена на незаконска наплата за потребните прегледи и била прегледувана во нерегистрирана ординација“, се вели во реакцијата која ја испратија од Платформата преку која поставија и неколку барања, меѓу кои и утврдување на одговорност на Лекарската комора и темелна истрага од јавното обвинителство.

Во изминатиот период во јавноста се отвори голема дебата околу случајот со родилката, а во меѓувреме беше објавена и онлајн петиција со која се бара правда за Веапоска. Досега, петицијата ја потпишале повеќе од 12.200 луѓе.

Реакција: Држава што не постапува е држава што не се грижи за здравјето на жените!