Филипче: Приватните специјализанти ќе добијат здравствено осигурување и платени дежурства

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека постигнале договор со приватните специјализанти во врска со нивните барања за регулирање на здравственото осигурување и дежурствата.

Како што соопшти Министерот, според постигнатиот договор, платено здравствено осигурување и платени дежурства ќе добијат приватни специјализанти кои немаат други приходи, освен надоместокот кој го земаат за работење во клиниките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза” и другите јавни здравствени установи каде се обавува специјализацијата.

„Договоривме дека почнувајќи од јуни, а со исплата во јули, приватните специјализанти ќе добијат надомест за здравствено осигурување, откако претходно ќе пополнат изјава во Фондот за здравствено осигурнување дека немаат други приходи освен надоместокот кој го добиваат од државата. Дополнително, ќе им се исплаќаат и надоместоци за дежурствата во нето износ од 1.800, 2.700 и 3.600 денари. Понатаму, приватните специјализанти како учесници во давање здравствени услуги ќе добијат и 5% бонус за борба против Ковид-19. Секој месец приватните специјализанти примаат по 29.000 денари надомест, нешто што за прв пат започнавме да го исплаќаме во 2018. Силно вложуваме во медицинскиот кадар и нивниот развој. Тие се столбот на системот а ковид пандемијата покажа колку е важна нивната улога во општеството“, напиша Филипче на неговата Фејсбук страница.

Приватните специјализанти уште кон крајот на минатата година реагираа за лошите услови за работа. Проблемот со здравственото осигурување постоеше уште од 2018 година, кога за прв пат тие почнаа да добиваат надомест за нивната работа.