Разговор со Лилјана Пандева, авторка на збирката раскази „Луѓенца“ во скопската градска библиотека

Збирката раскази „Луѓенца“ од Лилјана Пандева е книга на месецот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори.“

По тој повод во понеделник (4 март) во библиотеката ќе се одржи разговор со авторката Лилјана Пандева, чија збирка раскази „Луѓенца“ е книга на месецот во Библиотеката. Настанот ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“ со почеток во 19 часот.

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Збирката „Луѓенца“ (ПНВ Публикации, 2022) содржи седумнаесет мајсторски раскажани раскази за колку обични, толку и необични луѓе, што можеби секојдневно ги среќаваме на улица.

„Станува збор за приказни што импонираат како со тематската актуелност, меѓусебната суптилна поврзаност меѓу приказните, така и со раскошната палета на наративни стратегии“, вели Владимир Мартиновски за збирката раскази.

Лилјана Пандева е дипломиран професор по македонска и јужнословенски книжевности и македонски јазик. Доктор е на филолошки науки.

Автор е на повеќе дела, меѓу кои: „Новогодишни едночинки“, драмолети за деца во стих, поетската збирка „Љубов од А до Ш и обратно“, на збирките раскази „Возовите на Луцерн“, „Канцелариски колумни“, „Класифицирано“, „Заорани“, „Луѓенца“, „Хранителки“, на романите „Од агендата на Калина Калин“, „Дневници на една љубов“, „Два Божика“, „Доилката“, добитник на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, на поемата „Капетаните“ за која ја доби наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема, добитник е на Наградата 13 Ноември на Град Скопје за 2021 година, во областа култура за придонес во македонската современа книжевност и како лектор по македонски јазик, како и на повеќе награди за краток расказ. Автор е и на поголем број научни трудови од областа на македонистиката и книжевната критика. Нејзините дела се преведени на повеќе странски јазици.

Книгата на месецот, Разговорот со авторот и Клубот на читатели се дел од големата кампања на „Читаме современи македонски автори“ што Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ја спроведува втора година по ред, како силна поддршка за домашните автори, издавачи, но и на македонскиот јазик.