Рап битка меѓу Ненад Брус и Марко Зад Аголот пред Јадро

Пред просториите на КСП Центар – Јадро во петок, 29 јули, во 20:30 часот ќе се одржи музичка битка меѓу рап продуцентите Ненад (Брус) и Марко од Зад Аголот.

„Инспирирани од американскиот концепт ‘Verzuz’, нашите продуценти ќе ги судрат своите каталози на продуцирани песни во минимум 10 рунди. Во секоја рунда продуцентите ќе пуштат по една песна. Се разбира ваквиот тип на настан нема оценувачки карактер, туку повеќе е еден вид на пријателски натпревар, славење на хип-хоп културата и уживање во талентот и креативноста на учесниците“, се вели во најавата за настанот.

Настанот ќе емитува во живо на Facebook профилот на КСП Центар-Јадро.

Марко Зад Аголот како продуцент е активен од 2001 година, период во кој има работено музика за СВП (Бранко и Марко во разни постави), Исток Запад, Зад Аголот (Римиски Масив, Длабока Трага, Контра Напад, Паки), СТР 2, Страјк, ЛД Пистолеро, Бвана (Србија) и многу други.

Ненад Стефаноски како композитор, вокалист, инструменталист и музички продуцент учествува и соработува во бројни музички изданија и живи настапи, меѓу кои се проектите на Фулиш Грин, Легијата, Гринаут, СТР2, ЛД Пистолеро, САФ, Џака Накот, Против Сите.

Настанот е реализиран со поддршка од Министерство за култура на Република на Северна Македонија.