Работилница на Егле Амбрасаите за критичко пишување на 15 октомври

Во салата на Советот на Општина Центар, на 15 октомври (сабота), Културно социјалниот простор „Центар-Јадро“ организира дводневна работилница „Критичка материја и материја на критика: експериментално пишување преку феминистички и пост-хуманистички партиципативен уметнички пристап“ под раководство на Егле Амбрасаите од Литванија.

Од „Центар-Јадро“ велат дека оваа работилница го означува циклусот на работилници во кој ќе се мотивираат младите критичари и теоретичари преку едукативниот процес да стекнат нови вештини, знаења и пристапи спроведени преку предавања и работилници на истакнати критичари и теоретичари.

„Учесниците ќе се поттикнат да мапираат релевантни уметнички проекти а потоа и да напишат свои критички осврти или есеи за овие дела и на тој начин да го вратат во јавната сфера критичкото промислување и диалог кој толку многу недостасува кај нас.
Преку работилниците за критичко пишување целиме кон тоа да ги обучиме учесниците да ги забележат и социјално-политичките односи во едно уметничко дело и каков и колкав е изгледот на тоа дело да отвори прашања, дебата и помеѓу тие што не се обично сметани како артистичка публика. Фокусот од естетските иновации и формалната софистицираност во едно уметничко дело ќе се пренасочи во насока на релационата естетика и комуникациската субверзивност“, посочуваат организаторите.

Амбрасаите во најавата вели дека во оваа работилница ќе се разговара за односите на човештвото со неговата другост и како тие меѓусебно се поврзани со различните форми на нееднаквост и односи на моќ, како на пример пол/род, маскулинизам/феминитет, раса и класа, како и политичка екологија.

„Тоа ќе го направиме повикувајќи се на списите на Хелен Сиксо, бел хукс, Глорија Анзалдуа, Сувендрини Перера, Астрида Нејманис и уметничките дела на Џуди Чикаго, Марта Рослер, Хито Стејерл, Џејсон ДеКаирес Тејлор, Сања Ивековиќ, Јоко Оно, Патриша Пичинини и многу други. Ова ќе биде проследено со колективното читање и собирање на органски и синтетички материјали материја на критика. Потоа, во нашата пракса ќе ги имплементираме методите на „практикување заедништво“: забавеност, дишење, чувство на енергија, споделување и грижа. Рефлексија со помош на материјата и со експериментирање со нови начини на учење, правење и споделување знаења, ќе создадеме кратки експериментални и критички напишани дела инспирирани од собраните материјали. И текстовите и материјалите подоцна ќе бидат дел од нашата мала изложба“, вели Амбрасаите.

Организаторите посочуваат дека бројот на учесници е ограничен и дека сите заинтересирани треба да го пополнат формуларот на следниов ЛИНК.

Рокот за пријавување е до 12 октомври.