„За критичката педагогија“ – онлајн средба на читачкиот клуб при КСП Центар Јадро

Читачкиот клуб при КСП Центар Јадро утре, на 17 август, ќе одржи онлајн средба на која ќе се обработува книгата „За критичката педагогија“ од Анри Жиру. Средбата е отворена за јавноста, а може да се проследи преку „Зум“.

Од клубот истакнуваат дека темата во фокус –  критичката педагогија е филозофија на образованието која наставата ја гледа како политички чин.

„Таа ги опремува учесниците да ги детектират и анализираат структурите на моќ и причината за статус квото во нивната средина. Една од главните задачи на критичката педагогија е да ги надмине институционалните слабости и да придонесе за развој на поединци способни за критичко размислување и активно учество во трансформацијата на постоечките нееднакви општествени односи. Критичката педагогија со ваквата методологија има широка употреба и примена надвор од традиционалните образовни институции“, дополнувваат оттаму.

ОД КСП Центар Јадро посочуваат дека во  „За критичката педагогија“ Жиру ја анализира сè поемпириската ориентација на наставата, фокусирајќи се на културата на позитивизмот и испитува некои од главните економски, социјални и политички сили кои го поткопуваат ветувањето за демократско школување и во јавното и во високото образование.

„Тој се залага против тенденцијата и на десничарските и на неолибералните интереси да го сведат школувањето на обука, а студентите само на клиенти“, објаснуваат организаторите.

Анри Жиру е роден на 18 септември 1943 година, во Провиденс, Род Ајленд. Тој е еден од основачите на теоријата на критичката педагогија во Соединетите Американски Држави каде што дава најголем пионерски придонес во јавната педагогија, културолошките студии, високото образование, студиите за медиуми и критичката теорија. Жиру бил професор во Универзитетот во Бостон, Универзитетот во Мајами и Универзитетот Пен Стејт во Пенсилванија.

Жиру има објавено повеќе од 35 книги и 300 академски написи и е фрекфентно објавуван во научните списианија за образование и културни студии. Во 2002 година Рутлиџ го именуваше Жиру како еден од најдобрите педесет образовни мислители на модерниот период.

Низ текот на целото свое творештво, Анри Жиру се обидува да развие критичка теорија за образованието, нагласувајќи ги клучните инстерсекци помеѓу улогата на образованието во училиштата и универзитетите со онаа на културата и јавниот живот.