„Критика во немилост меѓу лајковноста ем инстант културата“ – работилница за критичко пишување со Елизабета Шелева

„Критика во немилост меѓу лајковноста ем инстант културата“ е следната во циклусот работилници за критичко пишување што под водство на професорката Елизабета Шелева ќе се одржи на 20 октомври (петок) во КСП Центар – Јадро.

„Во време, кое изобилува од се’ возможни life coach рецепти и аФторитети по екраните, а чија суштинска мисија (освен добрата лична заработка), се состои во хипнотичкото навлекување на луѓето кон секаков вид конформизам (претворен во мерило и маркер на индивидуалниот успех во општеството), повеќе од кога и да е, станува важно новото будење, внимателно острење и грижливо негување на критичката енергија и самосвест, која одбива да биде кастрирана (како што тоа им го прават на уличните кучиња скитници) и која, наместо да остане ‘успиена’ во лажната удобност на вмреженото секојдневие – попрво ги бара одговорите и причините на оние (жестоки и болни) прашања, што само уметниците денес се осмелуваат да ги фрлат како предизвик на креативната сцена, која сѐ уште не е травестирана во златна кокошка од естрада“, пишува во најавата за работилницата.

Работилницата е замислена како отворен паноптикум со интердисциплинарен карактер, во чии рамки се предвидува да бидат пре-откриени (и во живо споделени) избрани примери од различни (претежно, гранични) уметнички жанрови и подрачја на креативниот предизвик, како: документарен филм (за убиството на култниот чилеански кантавтор Виктор Хара од страна на фашистичкиот режим на А. Пиноче), арт филм од македонската школа на анимиран филм (работен според книжевна предлошка), боди перформанс и ТЕД х настап на артистот и активист Гиљермо Гомез Пена, видео спотови од алтернативни бендови, субверзивно обоени (поетски) текстови, чии автори се главно жени, како и одделни лајф фотографии – како метафори на травматичното секојдневие.

„Јазикот и приодот, својствен за областа на маркетингот (кој останува наполно рамнодушен кон естетската димензија на делото – за сметка на неговата разменска, односно, трговска вредност, речиси во целост го обесмислуваат вредносниот приод на уметничката критика, потиснувајќи ја на самите маргини од јавното внимание и медиумскиот простор. Ироничен е фактот, дека повеќе ‘критика’ (по обем, детали или медиумска застапеност), денес ќе пронајдете во реалните шоу програми или аматерски пејачки аудиции од типот ‘Звезде Гранда’, кои се занимаваат со тривијалната култура и естрада“, стои во описот за работилницата.

Како што се додава во најавата, овие дела иако припаѓаат на различни жанрови, ги обединува една заедничка црта: провокативно искажаната и критички настроена позиција, но, не само кон сопствениот (творечки) медиум и (владејачкиот) канон на вредности; ами првенствено кон владеачката, патријархална реторика во медиумите, наменски режираната “демократија”, коруптивната идеологија на (неолибералниот) конформизам – препознатлив по агресивната “култура” на конзумеризам и ПР overdose, како и по некритичкото воспевање на Западот како безгрешна икона на стилот и вредноста.

„Читањето, перцепцијата и толкувањето на програмски селектираните дела (примери) од оваа работилница е ‘навигациски’ осмислено и културолошки насочено, врз основа на неколку комплементарни методи, како: феминистичката критика, пост-колонијалните студии (вклучително, border criticism), психоаналитичката критика, имагологијата (на глобалниот Југ), руската формална школа (принципот на очудувње, пародијата како уметничка постапка, техниката на сказ)“, велат од Јадро.

Работилницата предвидува и отворена дебата меѓу учесниците околу можноста, правото и етичката обврска на критиката да се соочи со пазарно (или, лајковно) ориентираната, површна и брзопотезна ‘уметност’.

Пријавувањето за учество во работилницата е достапно на следниов ЛИНК.

Дополнително, во најавата се забележани и три куси есеи/колумни од проф. Шелева за колективно читање:

1. Живот во анусот на „Зебра’ 
2. Анаис Нин и Илинденското востание
3. Непотизам и ренесанса

Работилницата ќе се одржува во три дена, односно во четврток (20 октомври) од 12:00 до 15:00 (13ч до 14ч – пауза), петок (21 октомври) 14:30 до 17:00 (15: 30ч – 16ч – пауза) и сабота од 12:00 до 15:00 до пауза од 13:00 до 14:00 часот.

Елизабета Шелева е редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет  во Скопје. Таа е долгогодишна уредничка на списанието „Наше писмо“ и регионалниот магазин „Sarajevske sveske” (со седиште во Сараево, БиХ). Редовно се занимава со книжевна, ликовна и филмска критика. Авторка е на 12 книги и преку 270 авторски прилози. Во моментов е потпретседателка на македонскиот ПЕН центар. До сега, има преведено 6 одделни книги и повеќе стручни статии, од англиски, српски, словенечки јазик.

Работилницата се одржува како дел од проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици 2“ кој се реализира со финансиска помош на Фондација Отворено општество – Македонија.