Радио Слободна Европа ја тужи Русија поради назнаката „странски агент“

Радио Слободна Европа (РСЕ) соопшти дека московскиот огранок поднел тужба до Европскиот суд за човекови права, барајќи руските власти да се воздржат од изрекување парични казни кои би можеле на оваа медиумска компанија да и нанесат „непоправлива штета“, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Годинава РСЕ беше парично казнета затоа што, според руските закони, беше обележана како организација што „извршува функции на странски агент“.

Оттаму соопштија дека руските власти имаат можност да ги блокираат средствата или пристапот до нивните медиумски сајтови доколку казните не бидат платени.

Извршниот директор Андреј Шари се соочува со можна затворска казна до две години и банкрот, бидејќи казната може да достигне до 33 милиони долари до крајот на годината.

Радио Слободна Европа се финансира преку грант од американскиот Конгрес, преку Агенцијата за глобални медиуми, а според законите во Русија, предвидено е дека невладините организации, медиуми или поединци, кои се финансираат од странство, а за кои власта смета дека се вклучени во политички активности, своите публикации треба да ги означат како „странски агент“.