Активисти во Финска му го обоија паркинг местото на рускиот конзул во боите на Украина

Руските дипломати во финскиот град Турку се потсетуваат на Украина секаде каде што се движат.

Кратко по почетокот на руската инвазија, прометниот мост во градот беше осветлен во боите на украинското знаме, додека локален жител го имаше поставено украинското знаме на дрво веднаш покрај Рускиот конзулат.

Сега, активисти го однесоа „тролањето“ на дипломатите на сосема ново ниво. Тие го обоија личното паркинг место на рускиот конзул во сина и жолта боја пред куќата во која живее. На тој начин високиот дипломат нема да може никако да го избегне украинското знаме кога ќе оди или ќе се враќа од работа.

Станува збор за артивистичка акција на Јарно Виртала, на кој во акцијата му се приклучил и случајниот минувач Маркус Матсон, кој бил заинтересиран да му помогне во боењето.

„Имавме референдум од двајца луѓе за Украина да го анексира паркинг местото. 100% од гласачите се сложија со овој предлог. Немаше други спротивставени предлози, па одлучивме резултатите да ги прославиме со боење на украинското знаме на местото“, напиша Матсон на социјалните мрежи.

Локалните власти на Турку дозволиле боите да останат на паркинг местото, како знак на солидарност со Украина.

„Градот Турку сака да ја покаже поддршката за Украина и Украинците се` додека Русија ја продолжува нејзината војна. Турку направи многу акции за помош на Украина и сметаме дека е важно таа поддршка да биде видлива и низ градот“, изјавила Сара Малила, портпаролка на градот.

Матсон посочува дека му се допаѓа идејата за ненасилни протести, како што бил нивниот чин кој, како што вели тој „ниту некого повредува, ниту некому прави штета на имотот“.

Турку е четврти најголем град во Финска, а претходниов период развија акциски план за помош на украинските бегалци. Меѓу донесените мерки се и донација од 150.000 евра хуманитарна помош за бегалците на кои им е потребно сместување, храна, образование и поддршка на менталното здравје.