Работа со компјутер и основи на програмирање догодина и во четврто одделение

Предметот Работа со компјутер и основи на програмирањето, кој минатата година стана задолжителен во трето одделение, од учебната 2016/2017 година ќе биде задолжителен и во четврто одделение со два часа неделно, денеска најави заменик-министерот за образование и науки Спиро Ристовски.

Тој изјави дека Министерството во соработка со Бирото за развој на образованието го започнало овој проект од учебната 2015/2016 година со цел да се развиваат информациско-комуникациските технологии и употребата на компјутерските вештини кај децата од нивната најрана возраст.

„Предметот првпат го воведовме кај учениците во трето одделение, со тоа што го надградивме по примерот на моделот преземен од Англија, со додатен елемент во делот на програмирањето. Одлични беа реакциите и резултатите од имплементацијата на овој пилот-проект кај учениците од трето одделение со два часа неделно. Токму поради тоа МОН и Бирото одлучивме следната учебна година проектот да продолжи“, рече Ристовски.

Според заменик-министерот, предметот е приспособен на возраста на учениците, пристапот е низ игра и развој на креативноста, за да им се овозможат основни познавања за оваа област која, како што рече, ја зголемува логиката и когнитивните способности и ќе им користи и за други предмети во повисоките одделенија. Ристовски посочи дека во првата (тековната) година од спроведувањето на проектот, биле обучени и ангажирани 1500 наставници.