Путин победи со 77% од гласовите, но нема честитки од западните лидери

Дел од светските лидери му го честитаа новиот шестгодишен мандат на Рускиот претседател Владимир Путин, но засега, меѓу нив, нема ниту една од Западните лидери.

Рускиот претседател, според официјалните резултати, победи со преку 76,7% од гласовите. А во својот говор изјави дека размислува за промени во владата, меѓу кои и за функцијата премиер, на која се наоѓа Димитри Медведев. Опозицискиот лидер, Алексеј Навални, имаше забрана да учествува на изборите.

Кинескиот претседател Кси Џинпинг засега е највлијателниот политичар кој му ја честиташе победата на Путин, потенцирајќи дека партнерството со Русија е на „највисоко ниво во историјата“. Честитки упатија и лидерите на Казахстан, Белорусија, Венецуела, Боливија и Куба.

Сепак, лидерите од Западот засега остануваат без коментар. Тензиите помеѓу нив и Русија се продлабочија последниве недели по труењето на поранешниот руски шпион кој се наоѓа во Велика Британија, за кое британската влада ја обвинува Русија. Лондон протера 23 руски дипломати од земјата, повлекувајќи контра-реакција од Москва. Соединетите Американски Држави исто така воведоа санкции за група руски државјани поради наводна вмешаност во американските избори од 2016 година.

Во говор пред своите приврзаници во Москва, Путин изјави дека гласачите „ги препознале достигнувањата од последните години“, а рускиот претседател се насмеал на новинарското прашање дали планира повторно да се кандидира по шест години.

„Она што го прашувате е малку смешно. Дали мислите дека ќе останам на позицијата додека имам 100 години? Не!“, одговорил Путин.

Огромната победа, која беше очекувана, е поголема и од изборите во 2012 година, кога освои 64% од гласовите. Според официјалните бројки висока била и излезноста на изборите, со повеќе од 67% од запишаните гласачи.

Зад Путин, далеку на второто место, заврши комунистот милионер – Павел Грудинин, кој освои нешто под 12% од гласовите. Во трката беше и Ксенија Собчак, поранешна тв водителка, како и националистот Владимир Жириновски. Кои освоија 2 и 6 проценти од гласовите.

На некои места било забележано делење на бесплатна храна и попусти во локалните продавници во близина на гласачките места. Видео снимки од избирачките места покажуваат нерегуларности во неколку градови низ Русија. Некои покажуваат и како членови на избирачките комисии полнат гласачки кутии со ливчиња.

Навални беше оневозможен да се кандидира на изборите поради судска пресуда за која тој смета дека е фабрикувана од руската власт. Во неговата реакција по изборите вели дека не можел да го задржи бесот.

„Се наоѓаме во пост. Се заколнав дека во овој период нема да бидам бесен и да го подигам мојот глас. Ништо, ќе морам повторно да се обидам следната година“, напиша Навални на Твитер.

Независни групи набљудувачи од организацијата „Голос“ регистрирале стотици нерегуларности, помеѓу нив ливчиња во гласачки кутии пред да започне гласањето, спречување на набљудувачи да пристапат до некои гласачки места, веб-камерите од некои избирачки места кои биле блокирани со балони, како и луѓе кои биле транспортирани до гласачките места под сомнение за гласање под принуда.

Шефицата на Руската државна изборна комисија, Ела Памфилова, соопштила дека пријавени се двојно помалку приговори во споредба со изборите од 2012 година и ниту еден од нив не е сериозен.