Прв случај на заразен со коронавирус на Монт Еверест

Неколку недели по службеното отворање на сезоната за искачување на Монт Еверест, потврден е првиот случај на заразен со коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Норвежанинот Ерленд Нес е првиот планинар позитивен на Ковид-19, кој помина осум ноќи во изолација во болница.

Медиумите пренесуваат дека позитивен е и локален жител, кој бил со него на експедицијата.

Нес не е сигурен како се заразил, но истакна дека тоа можеби се случило во една локална чајџилница во долината Кумбу.

„Малкумина носеа маски на походот кон Еверест“, рече Нес, кој шест дена се чувствувал лошо на планина, по што беше евакуиран со хеликоптер на 15 април.

Појавата на вирусот може да нанесе голем удар врз економијата на Непал, која во голема мера се потпира на приходите генерирани од експедициите на Монт Еверест.

Властите во Непал го затворија Монт Еверест поради вирусот, а експедициите на најпознатата планина на светот не беа дозволени минатата сезона.

Секој што патува во Непал годинава, мора да приложи негативен тест на коронавирус, кој не смее да биде постар од 72 часа.