Протестна група упадна на Канскиот филмски фестивал за да го нагласи насилството врз жените

Група демонстрантки облечени во црно упаднаа на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал носејќи голем транспарент на кој беа испишани имиња на 129 жени убиени во Франција минатата година, јавува „Евроњуз“. Демонстрантките кои се членови на феминистички колектив исто така запалија црни димни бомби за време на акцијата.

Акцијата на демонстрантите се одржа додека траеше премиерата на филмот „Holy Spider“, крими-трилер во режија на Али Абаси, кој ја раскажува приказната на новинарка која истражува тековни убиства на сексуални работници во Иран.

Филмот е базиран на вистинска случка, односно се фокусира на серискиот убиец Саид Ханаи, кој призна дека убил 16 жени помеѓу 2000 и 2001 година. Една година подоцна, Ханаи беше осуден на смртна казна.

Ова е втор пат да се случи упад на овогодишниот Кански филмски фестивал.

Неколку дена претходно, демонстрантка со порака испишана на нејзиното тело истрча на црвениот тепих во Кан во знак на протест против случаи на силувања за кои ги обвини руските војници во Украина. Таа ја соблече облеката и ја покажа пораката „Престанете да нè силувате“, испишана на нејзиното тело со боите на украинското знаме.

Украинските власти претходно наведоа дека истражуваат случаи на силувања кои ги прават руски војници за време на инвазијата во одредени делови од земјата.

„Престанете да нè силувате“ – демонстрантка протестираше на црвениот тепих во Кан по случувањата во Украина