Протестирам: Со секое заплашување стануваме побројни и похрабри

Во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство продолжуваат протестите на Шарената револуција и движењето Протестирам против селективната правда. Тие најавуваат поголема масовност, по бројните приведувања демонстранти изминатиот период.

„После вчерашниот протест, продолжија приведувањата како мерка за заплашување и пригушување на отпорот. Овој пат приведен е шоферот на комбето чиј разглас го користиме да сме погласни на протестот. Со секое нивно заплашување стануваме побројни, похрабри и поистрајни во борбата.

Селективна правда е неправда. Чекорејќи по улиците се наметнавме како учесник во решавањето на кризата. Дел од барањата парцијално се остварени, но останува уште доста до остварување на сите барања. Го допревме моментот на сега или никогаш. Остануваме на улица до целосно разрешување на кризата, ќе останеме и при градењето на новите демократски вредности“, се вели во најавата на Протестирам.

Вчера, по протестот во Скопје беше приведен возачот на „пикапот“ од кој се пушта музика на протестите што секој ден се организираат во главниот град. Задржано беше и возилото кое служи за превоз и на чаталот, боите и другите реквизити на демонстрантите. Ваквата постапка на полицијата испровоцира протест синоќа пред ПС „Пролет“, кој траеше до доцна во ноќта, кога по распитот возачот беше ослободен.