Протести: Јајца и камења, демолирани објекти, приведени демонстранти

Искршени прозорци на Народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов и на Министерството за правда, приведени демонстранти, повреден новинар. Ова е епилогот од вечерашните протести против одлуката на Иванов да потпише аболиција за сите политичари против кои се водат кривични дела. Протестот започна мирно пред канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство, продолжи кон Народната канцеларија на претседателот во центарот на Скопје, а по пробивањето на полицискиот кордон и до Собранието на Македонија.

Оттука и покрај обидот на полицијата да го спречи понатамошното движење на демонстрантите кон партискиот штаб на ВМРО ДПМНЕ, демонстрантите се разделија на повеќе групи, при што дел од нив влегоа во судир со полицијата. Ова резултираше приведување на повеќе демонстранти, а во гужвата беше повреден и новинар на редакцијата Плус Инфо, јави репортерот на Радио МОФ од теренот.

„Нема правда , нема мир“, „Оставка веднаш“, „Мафијашка држава“ беа слоганите кои се скандираа за време на протестот. Присутните ја запалија и сликата со ликот на Иванов и побараа тој да си даде оставка, а криминалците да одговараат пред законот.

По завршувањето на протестот останаа искршените стакла на Народната канцеларија, како и на Министерството за правда од камењата на демонстрантите, но и остатоците од јајца со кои се гаѓаа објектите.

Истовремено со одржувањето на овој протест се одржуваше и контра-протест, организиран од ГДОМ, Граѓанско движење за одбрана на Македонија. Ним збирно место им беше Собранието, по што се упатија кон седиштето на СДСМ. И тие протестираат против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција, но само за претседателот на СДСМ партијата Зоран Заев и екс-разузнавачот Зоран Верушевски.