„Нема правда, нема мир!“ пред СЈО

И денеска во 6 часот поголем број граѓани се собраа пред канцелариите во кои е сместено Специјалното јавно обвинителство за да дадат поддршка на нивната работа, но и да го искажат својот револт од вчерашната одлука на претседателот Ѓорѓе Иванов, да ги прекине сите постапки кои се водат против политичари и од власта и од опозицијата.

„Нема правда , нема мир“, извикуваат насобраните пред СЈО. Со свирежи, но и табли свежи јајца „на готовс“, демонстрантите извикуваат дека не сакаат „мафијашка држава“.

„Овие протести нема да престанат, бројот на луѓе ќе се зголемува. Да си ја вратиме демократијата. Овој народ има слободна мисла и дух“, истакна пред присутните Огнен Јаневски, активист и ТВ водител.

„За криминалци само робија. Да ве прашам вас полицајците, ги  браните децата убиени на Смилковско езеро, претседателот што на годишнината од нивната смрт донесе одлука да ги аболицира нарачателите на убиствата. Ние ве плаќаме – кого браните? Утре може да ме наместат како оние од Куманово. Не знам кога ќе сфатите“, запраша пред присутните еден од демонстрантите.

Според најавите на социјалните мрежи протестот треба да продолжи кон Народната канцеларија на претседателот, а потоа и пред Собрание.

Најави има и за контра-протест пред седиштето на СДСМ, каде и синоќа се собраа група граѓани. На прашањето на Радио МОФ зошто протестираат, неколкумина од групата дигаа раменици.

Протестите започнаа вчера, откако Иванов на прес конференција соопшти дека самостојно донел одлука да ги аболицира сите политичари против кои се водат кривични постапки. Ова наиде на силни критики од јавноста,  по што експресно беше најавен протест со зборно место пред СЈО, па потоа и кон канцеларијата на претседателот во Центарот на Скопје. На протестот  вчера присуствуваа неколку илјади граѓани.