Пронајдени микроби кои разградуваат пластика на ниски температури

Микроби кои можат да разградат пластика на ниски температури се откриени од научниците на Алпите и Арктикот, што може да претставува значајна алатка во рециклирањето.

Многу микроорганизми кои разградуваат пластика веќе се пронајдени, но тие вообичаено тоа го прават на температури над 30 степени целзиусови. Ова го прави нивното користење во индустриски цели значително поскапо поради потребата од топлина. Исто така, тоа значи и дека употребата на овие микроорганизми не е јаглеродно неутрална.

Но, микробите кои ги пронајдоа научниците од Швајцарскиот федерален институт ВСЛ можат да ја прават истата работа на 15 степени целзиусови, што може да претставува револуционерна промена во рециклирањето со микроорганизми. Нивното откритие беше објавено во списанието „Границите на микробиологијата“ (Frontiers in Microbiology).

Д-р Џоел Рути од ВСЛ и неговите колеги зеле примероци од 19 видови бактерии и 15 видови габи кои се развивале на пластичен отпад кој бил држен под земја една година во Гренланд, Свалбард и Швајцарија. Тие овозможиле овие микроби да се развиваат во лабораторија во темнина на 15 степени целзиусови и ги тестирале за да видат дали тие можат да варат различни видови пластика.

Пластиката која ја тестирале е не-биоразградлив полиетилен (ПЕ) и биоразградлив полиестер-полиуретан (ПУР), како и два комерцијално достапни биоразградливи мешавини на полибутилен адипат терефталат (ПБАТ) и полилактична киселина (ПЛА).

Ниту еден вид од микроорганизмите не можеле да ја разградат ПЕ, дури и по 126 денови инкубација на оваа пластика. Но 19 видови, меѓу кои 11 габи и 8 бактерии, можеле да процесираат ПУР на 15 степени целзиусови, додека 14 габи и три бактерии можеле да ги сварат пластичните мешавини на ПБАТ и ПЛА.

„Тука покажуваме дека новите микроби собрани од „платисферата“ на алпските и арктичките почви можат да разградат биоразградлива пластика на 15 степени целзиусови. Овие организми можат да помогнат во намалување на трошоците и еколошкиот товар од ензимскиот рециклирачки процес за пластика“, објаснува д-р Рути.

За него било изненадувачки што голем дел од видовите кои ги тестирале можеле да деградираат најмалку една од тестираните пластики.

Научниците исто така тестирале и кои видови се најдобри во разградувањето на пластика и идентификувале две некарактеристични видови габи кои можеле да ги процесираат сите видови тестирана пластика, освен ПЕ.

Иако пластиката е во широка употреба дури после 1950-тите години, микробите можат да разградат полимери поради нивната сличност на некои структури кои се наоѓаат во растителните клетки.

Научниците ги тестирале микроорганизмите само на една температура, па уште немаат откриено кој е најдобриот начин за нивна употреба. Сепак, според нив, разградувањето на пластиката би требало да функционира на температури помеѓу 4 и 20 степени.