Промоција на романот „Југослав“ од Ана Вучковиќ вечерва во МКЦ

Романот „Југослав“ од Ана Вучковиќ ќе има своја промоција денес, на 26 октомври, во МКЦ, односно салата Фросина. Промоцијата ќе започне во 20 часот, а промотори на романот се Лилјана Пандева и Сашо Огненовски, кој е преведувач на делото.

Модератор на промоцијата ќе биде Јулијана Величковска, а романот преставува елегична поема за заедничкото време што јунакињата го поминала со својот татко, со посебен акцент на времето поминато во убиената Југославија.

Според Сашо Огненовски, романот е вивисекција на интимата внатре во општеството кое своите правила ги поставило на многу едноставен начин, рапсодија на деструкцијата и несфатеноста, која никако да запре, и интерпретација на едно „друго тело“ што кореспондира со суровоста и отуѓеноста.

Ана Вучковиќ (1984, Белград) дипломирала на Факултетот за драмски уметности на отсекот за драматургија, а магистрирала на филмологија. Нејзината писателска кариера ја започнува на петнаесетгодишна возраст во 1999 г. кога за краткиот расказ „Нишалка“ ја добива наградата „Борслав Пекиќ“.

Авторка е на романите „Епохата пцовиса вчера“ (2003), „Ласт’н’даст“ (2004), „Сурфинг Србија“ (2021) и „Југослав“ (2019), како и на збирката раскази „Плишениот солитер“ (2007).

Со својот прв роман и со романот „Југослав“ беше во потесен круг за НИН-овата награда, додека, со збирката раскази „Плишениот солитер“ беше во потесен круг за наградата „Исидора Секулиќ“. Таа е новинар во Радио Белград, пишува колумни за „Сити магазин“ и уредник е на повеќе емисии на Радио Апарат ‒ алтернативна радиостаница во Белград.

Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните протоколи за организирање настани во затворен простор.