Промоција на романот „Тегли“ од Јордан Коцевски во кино „Фросина“

Во киното „Фросина“ во МКЦ во среда (20 октомври) од 20 часот ќе се одржи промоција на романот „Тегли“ од Јордан Коцевски.

Промотор е Мерсиха Исмајлоска, а модератор – Јулијана Величковска.

„’Тегли’ на Коцевски е освежување во домашната книжевна продукција, прво затоа што се работи за редок суб-жанр кај нас ‒ трилер и хорор, а потем и самата интригантна приказна што се развива по принципите слични на стрипот. Забележливо е и влијанието на големиот мајстор на хоророт Стивен Кинг, а би било одлично и доколку ова дело добие и филмска адаптација“, пишува Мерсиха Исмајлоска.

Според Јулијана Величковска, ова е книга за отфрлените, за одметнатите, за гнилежот на системот, за криминалот во сите негови нијанси, сѐ до најсвирепите ужаси на кои е способен човекот, за корумпираноста на институциите, за жртвите на семејното насилство, за луѓето што ја преземаат правдата во свои раце, за пријателството и за љубовта.

„За сѐ она што треба или не треба да се чува складирано во тегли, и сето тоа раскажано со леснотија и низ многу хумор“, вели Величковска.

Инаку, Јордан Коцевски докторирал на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Работи како туристички водич, додека се обидува да го остави својот печат и како писател.

Првата книга, збирката раскази „Време за живеење“, ја има објавено во 2001 г. Неговата стрип антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ излезе од печат во 2014 г., а со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“ во 2016 г.

Добитник е на две награди за стрипот „Our Eden“, додека него¬вата книга „Прозорецот“ беше наградена и објавена во електрон¬ска форма од страна на „Фондација Македоника“ во 2016 г. Неговите кратки стрипови, како сценарист, се објавени во повеќе списанија за стрип во земјата и во странство. Автор е и на триесетина научни и стручни трудови од областа на туризмот и угостителството. Тој е главен и одговорен уредник на „(е)Лит“, електронско спи¬сание за книжевност и друга уметност.

Изданието е поддржано од Министерството за култура.

Настанот ќе биде организиран согласно протоколите и препораките за заштита од ковид.