Промоција на новиот албум на „Fighting Windmills“

Скопскиот бенд „Fighting Windmills“ ја најави промоцијата на новиот албум „An Exercise in Surprise LP“, која ќе се одржи на 26 април, со почеток во 21.00 часот во барот Менада.

„Fighting Windmills“ е музички колектив составен од пет високо образувани музичари собрани околу овој проект во 2007 година од кога имаат реализирано пет албумски изданија. Се работи за состав кој за цело време ,,инвестира’’ во истражување нови музички територии внимателно градејќи го својот автентичен музички став и израз. Стилски и жанровски се ослободени од било какви јасни одредници, иако можат да се препознаат разни влијанија од пост-рок, слободен џез, пост-панк и современата класична музика или одредени фолклорни и современи амбиетални варијации.

На новиот „An Exercise in Surprise албум“, бендот покрај веќе востановените насоки „флертуваат“ и со елементи на современиот скандинавски џез, диско-панк и теми од соло делниците на Чарли Паркер. Генералниот концепт и насловот на албумот се инспирирани од албум на легендарниот квинтет на Кен Вандермарк.

Целиот материјал на албумот е авторско и продукциско дело на членовите на бендот, снимен е во студиото BPM од Младен Павлески, а измиксан и мастеризиран во студиото Алшар од Ивица Јанкуловски. Дизајнот на албумот го изработи гитаристот на бендот Филип Букршлиев – Бука. Албумот ќе биде достапен во облик на луксузно CD издание во ограничен број за време на промоцијата во четврток на која „Fighting Windmills“ во живо ќе го отсвират комплетниот албумски материјал.

Од петок (27 април) албумот ќе биде на располагање за слободно дигитално симнување од профилот на Шарла Рекордс.