Промоција на хибридната збирка „Јазикот е чудна ѕверка“ од Марина Костова

„Јазикот е чудна ѕверка“ е хибридна збирка на книжевни дела од филмската критичарка и новинарка Марина Костова.

Збирката е составена од куси лични истории кои авторката ги објавува на социјалните мрежи преку хаштагот т#DeepPoolsOfNostalgia, но и рецензии и есеи. Збирката во печат излезе претходно годинава, преку издавачката куќа „Или-Или“.

Во понеделник, на 26 септември збирката на Костова ќе биде промовирана во кафе-книжарницата „Буква“, со почеток во 20 часот. Промотор ќе биде Дарин Ангеловски.

Марина Костова е меѓу најреномираните филмски критичари и наградувани новинари во Република Северна Македонија. Таа е заменичка-главен уредник и членка на основачкиот состав на Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК .

Добитничка е на највисоката државна награда за новинарство и публицистика „Мито Хаџивасилев – Јасмин“.

Членка е на Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ) и учествува во критичарските жирија, меѓу другите и на филмските фестивали во Венеција, Оберхаузен, Осло, Котбус, Сараево, Истанбул, Солун, Виена, Кемниц, Манхајм, Клуж и други. Објавува и рецензии и извештаи на официјалната веб-страница на ФИПРЕСЦИ.

Авторка е на монографијата „Манчевски“ и на книгата „Дожд, светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“. Монографијата „Манчевски“ ја освои наградата за најдобро оригинално издание на Саемот на книгата Скопје 2015.  Како македонски артефакти обете книги се достапни во над 120 национални и универзитетски библиотеки во светот.

Радио МОФ преку рубриката #РаскажиМи, веќе објави еден кус расказ на Костова.

#РаскажиМи: Фрагмент од #DeepPoolsOfNostalgia од Марина Костова