Промоција на дебитантската стихозбирка „Разговорите што не можевме да ги имаме“ од Марија Велинова

Промоцијата на дебитантската стихозбирка „Разговорите што не можевме да ги имаме“ на поетесата Марија Велинова, ќе се одржи оваа сабота, на 4 декември.

Со почеток во 19 часот, во Домот на култура „Ацо Шопов“, промоцијата ќе ја води Андреј Медиќ Лазаревски, поет и главен и одговорен уредник на неформалното младинско здружение „Култура ẞ“.

„Делото е дел е од едицијата „Книжевни меридијани” и ја носи втората награда „Душата на чаршијата” на конкурсот за дебитантски ракопис на издавачката куќа ДАТА Песнопој“, нагласуваат организаторите.

Настанот е во режија на Стефанија Трифунија, а поезија ќе читаат членовите на драмското студио „Spotlight“: Ана Марија Тикова, Ива Џорлева, Слободанка Ѓорчева, Јован Јанев, Ана Манева и Макрина Јорданова.

Марија Велинова e поетеса родена и израсната во Штип, ученик во четврта година во СОУ „Славчо Стојменски“. Дел е од драмското студио „Spotlight“ Од мала возраст има невообичаена заинтересираност за книги и филмови, а на пет години се запознава со театарот.

Активно започнува со пишување во 2018 и со своите дела конкурира на повеќе места, од кои добива една прва награда како и номинација за наградата „Антев Часовник“.