Некои нè викаат „Балкан“ – Балканот низ призмата на културни и уметнички истражувачки практики

„Некои нè викаат Балкан“ e колективен обид за истражување на можноста за нови поимања за Балканот низ призмата на културни и уметнички истражувачки практики на платформата „SocioPatch“.

Резултатите од истражувањето ќе бидат презентирани во „Буква“, утре, на 14 јули со почеток во 19 часот. Настанот ќе биде придружен со дискусија и музичка програма на Драган Теодосиевски и Симеон Ангеловски.

Од „SocioPatch“ велат дека се занимаваат со разобличување на митовите и заблудите за Балканот, во и надвор од неговата територија.

„Поаѓајќи од нашиот впечаток дека доминантните стереотипи за балканците кај луѓето од западноевропските земји се слеваат во сликата за гастарбајтерот, нашиот интерес го привлекоа возачите на камиони (камионџиите). Како работници во постојано движење, тие припаѓаат во една од најважните категории на извоз на труд од Балканот, а патувањето низ и вон Балканот ги изложува на двете страни на стереотипизацијата и митовите“, објаснуваат тие.

Истражувањето го спровеле  петмина уметници-истражувачи, низ разговори, директни сведоштва и драматуршка и социолошка анализа на појавите, мотивите и лириката во музиката која спаѓа во жанрот „камионџиска“ или „шоферска“.

„Еден од главните резултати на нашиот процес досега е звучен пејзаж, чии основни слоеви се убавината и отпорноста како дел од приказната за Балканскиот идентитет низ призма на естетиката која со себе ја носи заедницата на камионџии, нивните звуци, музика, животен стил, навики и потреби“, дополнуваат од „SocioPatch“.

Оттаму објаснуваат дека идејата е  да се создаде простор за уметници, истражувачи и културни оператери од Балканскиот регион, во кој би се огласиле како субјекти од Балканот притоа редефинирајќи ги условите кои одредуваат како се мисли и зборува за Балканот.

Платформата за граѓански ангажман преку уметнички и културни практики е група уметници кои работат во Скопје и регионот на Балканот.

„Ние сме платформа чија примарна цел е да се негуваат уметнички и културни практики кои се однесуваат на теми од општествена важност, особено на оние што се занимаваат со социјален ангажман, истражувања базирани на уметност и културен менаџмент. Тимот вклучува млади уметници oд изведувачки уметности, социјален дизајн, визуелни уметности, како и млади професионалци од областа на развој на софтвер, политички науки и управување со проекти“, велат оттаму.