Распишани конкурсите за 11-то издание на „100 илјади поети за промена“

Mанифестацијата „100 000 поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распишува поетски конкурс за овогодинешното издание на Фестивалот.

Поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.

Секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на FB профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 31 август 2021 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.

„Сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на „100 Илјади поети за промена“, затоа што сме овде да се читаме и online, нели? Ваков конкурс се организира веќе единаесетта година по ред – исто онолку пати колку и што се организира оваа манифестација во светот“, велат од организацијата.

Mанифестацијата „100.000 поети за промена“ истовремено распишува и конкурс за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој, како и мирот.

Дизајнерските решенија може да се испраќаат на poetizapromena@gmail.com или на Фејсбук профилот на  манифестацијата најдоцна до 31 август 2021 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредуваат организацискиот одбор на манифестацијата и здружението.

Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата која е дел од манифестацијата „100 Илјади поети за промена“, на 25 септември 2021 година во Струмица.