Професор од Јапонија направи телевизор што се лиже и имитира вкусови на храна

Професор од Јапонија направи прототип на екран кој може да се лиже за да имитира вкусови на храна, што е чекор кон создавање повеќесетилно гледање телевизија.

Уредот наречен „Вкусете го телевизорот“ користи вртелешка со садови од 10 вкусови кои комбинирано прскаат за да направат вкус на одредена храна. Примерокот од вкусот потоа се појавува на хигиенски пластичен сад преку телевизискиот екран која гледачот може да ја проба.

„Во ера на Ковид-19 оваа технологија би можела да го подобри начинот на кој луѓето се поврзуваат и комуницираат со надворешниот свет. Целта е да се овозможи луѓето да имаат искуство како да јадат нешто во ресторан на другиот крај на светот, иако се наоѓаат во својот дом“, вели професорот Хомеи Мијасита, од Универзитетот Меиџи во Токио.

Мијасита работел со тим од 30 студенти за да го создадат овој уред со најразлични вкусови. Тој вели дека прототипот бил направен претходнава година и комерцијалната верзија од уредот би чинела околу 100.000 јени, што е нешто помалку од 800 евра.

Овој уред може да се применува и за учење на далечина за дегустаторите на вина или готвачите, како и за игри и квизови во кои би се пробувале вкусови.

Мијасита истовремено е во преговори со компании за неговата технологија да се користи во уреди кои би можеле да внесат вкус на пица или чоколадо на парче препечено лепче.