„Нетфликс“ најави повисока членарина за корисниците кои ги споделуваат профилите

Стримиг платформата „Нетфликс“ најави дополнителни уплати за оние корисници кои го користат својот профил на повеќе различни места, пренесува „Индипендент“.

Компанијата ќе бара од корисниците да доплатат повеќе доколку нивниот профил се користи во повеќе домови.

„Нетфликс“ ќе ги скенира уредите и активноста на корисничките профили со цел да дознае дали сите вклучувања доаѓаат од иста локација, а ќе бара корисниците дополнително да плаќаат по 2.99 (180 денари) долари за секоја различна локација, истакнуваат оттаму.

„Платформата ќе се обиде да пронајде повеќебројни вклучувања од различни локации кај еден корисник преку анализа на информации како ИП адреси и активност на профилот“, истакнуваат од компанијата која сугерира уредите на кои е инсталирана платформата да бидат вклучени на ист интернет извор.

„Исклучок ќе биде направен за патувања, но корисниците ќе имаат можност да се регистрираат на друго место само еднаш во годината“, се наведува во соопштението.

Можноста за доплаќање ќе биде пуштена во август, но само како тест во одредени земји, иако од компанијата забележуваат дека во иднина таа може да биде и глобална.

Уште од лансирањето на „Нетфликс“, според правилникот на користење, платформата посочува дека е забрането користење на ист профил од различни домови, но во праксата ова правило не ги спречи корисниците да ги споделуваат профилите.

Во последните неколки месеци „Нетфликс“ работи на спречување на оваа практика, па во одредени земји воведе верзија каде профилите немаат опција да бидат споделени, а корисниците требаше да доплатат за дополнителните членови на нивниот профил.

Ваквите промени се резултат на намалениот раст на компанијата, која изгуби дел од корисниците. Истовремено, платформата ги зголеми претплатите, отпушти дел од своите вработени и воведе поефтина варијанта на претплата која вклучува реклами.