Проекција на „Среќна Нова `49“ во Кинотека, ќе присуствува и дел од актерската екипа

По повод 30 години од премиерата, утревечер во 19 часот во Kинотеката на Македонија ќе биде прикажана реставрираната копија на култниот филм на Столе Попов „Среќна Нова ’49“. На проекцијата ќе присуствува и дел од екипата на филмот.

„Среќна Нова ’49“, во продукција на „Вардар филм“ во 1986 година се смета за еден од најуспешните македонски филмски остварувања. Добитник е на низа награди и признанија, меѓу кои, како особено значајни се издвојуваат Гран при-то, „Голема златна арена за најдобар филм“ на Фестивалот на југословенскиот игран филм, оддржан во Пула во 1986 година, како и Првата награда од публиката на Меѓународниот филмски фестивал во Порто Алегре од 1991 година.

Сценариото е на Гордан Михиќ, а во главните улоги се Александар Ѓорчев, Мето Јовановски, Светозар Цветковиќ, Владица Милосављевиќ, Петар Арсовски, Мите Грозданов, Душко Костовски.

Дејството на филмот започнува во јуни 1948 година. Група југословенски студенти, на школување во СССР, по несогласувањата меѓу двете земји се враќаат дома. Меѓу другите, се и Драгослав, неговата девојка Вера и блискиот пријател Градимир, кого раздвојувањето со СССР го доведува до низа внатрешни конфликтни ситуации, кои конечно кулминираат со чинот на неговото самоубиство на железничката станица во Суботица.

Истрагата во врска со самоубиството започнува веднаш, и Драгослав, како негов пријател и сопатник, дава објаснување за мотивите на самоубиството. Семејството на Драгослав го очекува неговото враќање, дотолку повеќе што неговата мајка, тешко болна, е пред умирање. Таткото Стојан, по професија каменорезец, се грижи за егзистенцијата на семејството. Тука се уште и неговата сестра Нела во годините кога престанува да биде дете, и браќата, помалиот Коле и Коста, гимназијалец, кој пред матурата заминува од училиштето. Тој се занимава со црноберзијански работи.

За него нема повеќе авторитети, како што нема ни непознаници во живеењето „на работ“. Драгослав дома ја доведува и Вера со која сака да се ожени. Првата средба на Драгослав и Коста завршува со тепачка поради желбата на постариот брат Коста да живее и да се однесува во согласност со нормите на граѓанскиот живот. Непосредно потоа Драгослав е одведен од ОЗНА. Тој е обвинет дека е советски агент и е задржан во истражниот затвор.